X
 29.05.2019 Култура

Објавени писма што Ана Франк ѝ ги испраќала на својата баба пред војната

Помлада и полесна верзија од животот на Ана Франк неодамна беше објавена на англиски јазик под името „Ана Франк: Собрани дела“ (Anne Frank: The Collected Works).

Станува збор за писма што никогаш претходно не биле објавени и кои Ана ѝ ги пишувала на својата баба помеѓу 1936 и 1941 година, пред да почне со пишување на дневникот, во кој пишувала од својот 13. роденден до моментот кога нацистите го откриле засолништето во кое се криела Ана со своето семејство.

- Имам доста долга коса... тато и мама сакаат да ја потстрижам, но јас би сакала да ја пуштам да расте. Во устата имам мала справа, протеза, па секоја недела морам да одам на забар. Така тоа се повторува осум недели и, секако, не ми е баш пријатно - ѝ напишала Ана Франк на баба си, пролетта 1941 година.

Истата година, малку подоцна, ѝ напишала и за роденденските подароци што ги добила.

- Од мама и тато добив велосипед, нова училишна чанта, фустан и уште многу работи. Маргот ми го даде нејзиниот прибор за пишување бидејќи го потрошив тој што го имав. А не поминав лошо ни со свеќите ни со останатите мали подароци. Тука е многу топло, дали е топло кај вас? Многу ја ценам песната на Стефан, добив една и од тато, но тоа се очекуваше. Вчера излегов со Сана, Ханели и едно момче. Беше многу забавно, немам недостиг на дружење со момчиња - ѝ напишала таа на својата баба.

Холандија била нападната од нацистите на 10 мај 1940 година. Тогаш почнал прогонот на Евреите. Тоа може да се види и во нејзините писма.

- Часовите завршија за Евреите. Ќе добијам нов фустан, тешко е да се стигне до материјал и потребно е да се дадат многу купони - напишала Ана.

Во друго писмо таа ѝ се доверила на баба си за тоа со што сака да се занимава.

- Морам да бидам трпелива додека не заврши војната. Ќе одам на тренинзи ако тато може и понатаму да ги плаќа, а кога ќе бидам добра во лизгање, тато ми вети патување во Швајцарија, да ве посетам сите вас - напишала таа.

Во ова издание се објавени фотографии, писма и белешки од нејзините омилени цитати и есеи од различни автори.

- Важно е да се разбере нејзиното потекло. Многу луѓе знаат за нејзиниот дневник, но ако не знаат и не ја сфаќаат нејзината семејна приказна и опкружувањето, нема да добијат иста порака - вели Ив Кугелман од фондот „Ана Франк“.

Писмата се показател од разговорниот, неофицијалниот и лежерниот стил што Ана го употребувала во својот дневник, кој бил продаден во повеќе од 30 милиони примероци низ светот.

- Мислам дека идејата за дневникот ја добила поради пишувањето пред да се скрие со семејството. Таа и нејзиното семејство отсекогаш разменувале писма - вели Ив.

Ана била блиска со својата баба Алис Франк и многу работи наследила од неа.

- Тоа било семејство на силни жени, што може да се види и од писмата што ги пишувала - нагласува Кугелман.

Оваа колекција на светот ќе му понуди една поширока и подефинирана слика за Ана Франк.

- Мислам дека повеќето луѓе ја знаат Ана од дневникот без контекстот на семејство, нејзината социјализација, каде се едуцирала и каде се наоѓала во средината на културата. Со оваа книга читателот добива многу поголем контекст од нејзината приказна: дознава за нејзината култура, нејзиното еврејско семејство и нејзините корени - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура