Во неодамнешно истражување британската асоцијација за заштита на потрошувачите „Вич?“, со својот придружен онлајн портал, собрала докази дека паметните апарати за домаќинство, сега сеприсутни во модерните кујни, прекумерно собираат податоци за корисниците и ги испраќаат на оддалечени сервери. Истражувачите докажале дека таквото собирање податоци не е неопходно за нивното функционирање. Ова имплицира дека податоците може да се продаваат на трети страни за маркетиншки цели.
Асоцијацијата анализирала една од најпопуларните категории на апарати за домаќинство во последно време, фритезите што работат на пареа, за кои докажале дека собираат податоци за локацијата и бараат дозвола за снимање аудио на поврзаните мобилни телефони, без причина. Тестирањето опфатило три „паметни“ фритези произведени од „Шаоми“ и „Аигостар“.
Излегло дека апликацијата на „Шаоми“ за управување со овие уреди е поврзана со рекламните мрежи на „Фејсбук“ и „Тик-ток“, односно може да ги информира за локацијата на корисникот, со цел попрецизно рекламирање. Апликацијата на „Аигостар“ собира информации за полот и возраста на корисникот, повторно без јасна причина, но внесувањето на овие информации е задолжително. Сите три анализирани производи испратиле податоци до серверите во Кина преку нивните апликации, што е наведено во нивната политика за приватност. Асоцијацијата не навлегува во подетална анализа за тоа што се случува со тие податоци потоа.
Покрај фритезите на пареа, тие анализирале и голем број паметни телевизори, часовници и звучници, од кои може да се очекува да собираат податоци - па се покажало дека многу од нив користат тракери поврзани со рекламни мрежи и дека речиси сите ја следат точната локација каде што се користат.
- Нашето истражување покажува како производителите на паметна технологија и компаниите со кои работат во моментов можат да собираат податоци од потрошувачите, навидум невнимателно, често со мала или никаква транспарентност - велат од организацијата, повикувајќи ги британските регулатори да усвојат правила за таквото однесување да може да се контролира.
Компаниите вклучени во истражувањето објавиле дека не продаваат кориснички податоци, дека одредени функционалности се поврзани само со кинескиот пазар и дека на своите корисници им даваат можност за транспарентен увид во користените податоци и нивно бришење - што е во согласност со правилата на ЕУ.
Асоцијацијата „Вич?“ заклучува дека одредени практики се прекумерни и дека прекумерното собирање податоци ги изложува корисниците на непотребни ризици, особено кога станува збор за складирање на нивните податоци во странство.
Извор: bug.hr
Фото: Freepik