X
 19.09.2020 Технологија

Зошто „Мајкрософт“ тестира центри за чување податоци под вода?

„Мајкрософт“ заврши повеќегодишен експеримент за центар на податоци под вода. Тој бил оставен на дното на морето во близина на Оркниските Острови во Шкотска. „Проектот Натик“ беше извлечен од морето на почетокот од летово, а во последните месеци се правела анализа на податочниот центар за да се утврди неговата ефикасност и одржливост.


Фото: Microsoft

Резултатите покажале дека подводните податочни центри функционираат во однос на перформанси, но и дека серверите во центарот биле осум пати посигурни отколку серверите што се чуваат на суво. Истражувачите сега ќе анализираат зошто чувањето податоци под вода може да биде побезбедно отколку чувањето на суво.

Експериментот покажал и дека серверите работеле со поголема енергетска ефикасност, а ова можеби е поради помалата потреба за вештачко разладување на серверите. На островите се користи енергија од обновливи извори, а доколку тоа претставува проблем за традиционалните податочни центри, не било проблем за центрите под вода.


Фото: Microsoft

Експериментот покажал дека подводните податочни центри може да бидат нов, поевтин начин да се задоволи светската потреба за чување податоци, а притоа да не се користи големо количество енергија. Освен тоа, на овој начин може да се поставуваат помали податочни центри поблиску до потрошувачите наместо насочување на повеќе податоци до централизирани центри.

Следно компанијата ќе разгледува како да ги подобри центрите и да поврзе повеќе подводни центри за да бидат поефикасни.


Автор: Дерел Етерингтон
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија