X
 08.01.2018 Култура

Во овие места е рајот, автомобилите се забранети


Магаренца на калдрма во Хидра
(Фото: Modern Notion)


За повеќето луѓе, автомобилот претставува нужност, чувство на слобода и комодитет, но овие примери докажуваат дека е можно да се живее сосема поинаку. Издвојуваме пет места во светот каде што нема автомобили, па се сметаат за „оази на мирот“.

Гитхорн, Холандија


Во овој град наместо патишта, има канали. Познат е како „Северна Венеција“, а градот е голема туристичка атракција особено за оние што сакаат да уживаат во дестинација каде што нема автомобилски метеж, туку само звуци од птиците, ветрот и дождот. Градот е основан од група бегалци во 1230 година, кои кога ја нашле оваа локација, прво забележиле купишта козји рогови за кои претпоставувале дека се остатоци од претходните поплави. Затоа и градот го добил името Гитхорн (Giethoorn), што значи козји рог.

Интересна карактеристика за овој град е системот од канали што го користат жителите како секојдневен превоз. Каналите ги формирале колонистите, а денес по нив пловат бротчиња со мали електромотори. Назима каналите замрзнуваат, па единствен начин за движење е – лизгањето!

Островот Макино, Мичиген


Околу 500 луѓе постојано се населени на островот кој се наоѓа на езерото Харон, но во текот на летото бројот на туристи повеќекратно се зголемува. Но, сите посетители навреме се предупредени: автомобилите не се дозволени! Тие се забранети на островот од 1898 година, но се нудат повеќе опции – пешачење, возење велосипеди или превоз со кочии што ги влечат коњи.

Пред забраната, туристите ги носеле своите автомобили на островот, заплашувајќи ги коњите и нарушувајќи го воспоставениот мир на островот, па затоа градските власти се сетиле дека најдобро би било целосно да ги забранат автомобилите, освен возилата за итна помош.

Хидра, Грција

Овој остров се наоѓа во Егејското Море, а главен град е Хидра, кој е класичен грчки град – со бели куќи распостелени по ридовите и сино море во заднината. Но, она што го одржува овој остров еколошки чист и единствен е конзервативниот закон за негово зачувување, кој забранува градење нови градби што би го нарушиле изгледот, како и возење автомобили. На островот уличките се претесни за сообраќај, но затоа се форсираат сите алтернативни начини на превоз: велосипеди, магариња, пешачење...

Фајер Ајланд, Њујорк

Островот за кој се претпоставува дека го добил името според огнот што го палеле пиратите на брегот е познат по својата големина и по фактот дека таму се забранети автомобилите.

Имено, иако е долг околу 50 километри, островот е широк само 0,4 километри, поради што било неможно да се изградат патишта доволно широки за автомобилски превоз, со веќе постојната изградена инфраструктура.

Сусак, Хрватска

Овој неверојатен остров е познат како вистинска оаза на мирот, а таму никогаш немало автомобили, не затоа што биле забранети туку затоа што немало можност да се донесат на островот – во пристаништето може да застане само еден брод затоа што е преплитко за траекти. Но и кога би дошле автомобили, уличките се претесни за таков сообраќај.

Сусак не е единствениот хрватски остров без автомобили – тука се и Униите, Силба, Зларин, Првиќ, Лопуд и Колочеп.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура