Во согласност со Законот за високото образование и Статутот на УКЛО, на 11.12.2019 година се одржа првата седница на Универзитетското студентско собрание на УКЛО (УСС УКЛО).
На почетокот присутните ги поздрави проректорот за студентски работи, проф. д-р Марјан Ѓуровски кој нагласи дека во фокусот на работењето на УКЛО е студентот и кон УСС се гледа како на партнер во донесувањето на одлуките и заедничко креирање политики за потребите на студентите.
Во иднина ќе се разгледа можноста за финансиска поддршка на повеќе проекти кои би ги реализирале самите студенти, воедно да се зголеми комуникацијата на Собранието со колегите од другите земји од регионот и членки на ЕУ и од САД. На почетокот на средбата со студентите присуствуваше и генералниот секретар на УКЛО, м-р Офелија Христовска. Двајцата претставници од раководството на Универзитетот, по поздравниот дел, се повлекоа и им овозможија на студентите самостојно да ја реализираат активноста поврзана со нивно учество во управувањето, што треба да придонесе кон третирање и акцентирање на значајни прашања за студентите во органите на УКЛО во кои се носат значајни одлуки за процесите на високото образование.
На првата седница на Универзитетското студентско собрание на УКЛО присуствуваа претставници/студенти од студентските собранија на единиците. До изборот на студентски лидер со седниците ќе претседава Димитар Врглески од Правниот факултет. Во продолжение на седницата на УСС беше формирана Комисија за изработка на предлог-статут на УСС УКЛО, која има задолжение да го подготви предлог-текстот. Членовите на УСС УКЛО се договорија следната седница да се одржи идната недела, при што Комисијата ќе го достави предлог-статутот на УСС УКЛО на разгледување.
По изгласувањето на предлог-статутот од УСС УКЛО, во согласност со законските процедури, тој се доставува до Универзитетскиот сенат за давање согласност, а потоа на наредна седница на УСС УКЛО се усвојува Статутот на УСС УКЛО и се избира претседател на УСС УКЛО, Извршен и Надзорен орган и претставници во органите и телата на УКЛО од редот на студентите. Во наредниот период ќе се спроведе и законската процедура за избор на Студентски правобранител на УКЛО.