Факултетот за безбедност-Скопје сѐ повеќе се препознава како реномирана високообразовна институција за профилирање кадри од областа на безбедноста. Како ја постигнувате сѐ поголемата препознатливост?
Препознатливоста на Факултетот за безбедност-Скопје секако има свое минато и историја. Факултетот за безбедност од Скопје е формиран во далечната 1977 година, како единствен факултет од областа на безбедноста во поранешна Југославија. Сѐ до 1996 година на факултетот студирале студенти од Република Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина. Дипломираните студенти биле и сѐ уште се столбот на безбедносниот систем во државата во која работат. Голем број високи полициски функционери во Република Македонија, поранешни министри за внатрешни работи, директори во полицијата, началници, но и најголем дел од оперативните старешини дипломирале токму на нашиот факултет. Не е мал бројот на дипломирани студенти кои своето работно место го нашле и во Министерството за надворешни работи, во дипломатијата, во Агенцијата за разузнавање, оставиле белег во функционирањето на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, придонесуваат за развојот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, дел се полициски и воени пилоти. Во сите безбедносни институции на Република Македонија работат кадри кои во изминатите четири децении дипломирале на Факултетот за безбедност. Со својата стручност, професионалност и знаење, тие биле, се и ќе бидат дел од развојот и од реформите на безбедносниот систем на Република Македонија. Сопственици, раководители, вработени во агенциите за приватно обезбедување потекнуваат од овој факултет.
Наташа Пеливанова - продекан
Факултетот во своето работење досега остави силен белег врз развојот на науката за безбедноста, преку организирање додипломски, последипломски и докторски студии. Студиите од сите циклуси постојано при секоја акредитација се осовременуваат следејќи го трендот во сите области содржани во наставните содржини. На факултетот предавале и предаваат еминентни професори по криминалистика, право, безбедност. Во наставата на Факултетот се вклучени многубројни стручњаци од практиката, но и визитинг-професори. Многубројни влијателни дипломати минатата учебна година одржаа предавања на Факултетот, при што не изостануваше интерактивниот пристап во размената на видувањата и мислењата.
Во делот на наставата и учењето на Факултетот за безбедност-Скопје посебно внимание се посветува на процедурите за обезбедување квалитет на студиските програми, квалитетот на академскиот кадар, процедурите за оценување на студентите, за информирање на студентите, квалитетот на материјално-технички ресурси и меѓународна соработка на сите циклуси на студии.
Препознатливи сме и по Меѓународната научна конференција, која традиционално се одржува секој јуни во Охрид, како и по други конференции, стручни и научни собири. Значајни се и истражувањата што ги спроведуваме, а кои се однесуваат на суштински активности од секојдневното работење на безбедносните институции. Нашите професори се сѐ попрепознатливи во јавноста и имаат значајна улога во креирањето на законските решенија во државата.
Секако, препознатливи сме и по издавачката дејност. Најголем дел од основната, па и дополнителната литература за прв циклус студии е од наставниците на факултетот. Секој студент на почетокот на семестарот, по исклучително прифатливи цени, добива пакет на книги за предметите што се изучуваат во семестарот.
Факултетот спроведува настава на сите циклуси на студии. Студентите се во центарот на вниманието и сите активности се насочени кон подобрување на условите за работа и учење. Сѐ понагласено е вклучувањето на нашите студенти во регионалните обуки и школи. Користењето современи методи и техники, како и опрема при пренесување на знаењето е предност на Факултетот. Наставниот кадар на Факултетот е вклучен во многубројни домашни и меѓународни проекти и активности, а поврзувањето во регионалните и европските мрежи ни ги отвора вратите за уште позајакнат развој.
Може да се заклучи дека Факултетот за безбедност оствари значајни резултати со кои придонесе да се воспостави, унапреди и развива безбедносниот систем на Република Македонија, а како единица во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола, Факултетот придонесува и за развојот на тој универзитет.
Континуирано се работи на поголема афирмација на Факултетот во општеството како партнер на безбедносните институции во процесот на реформи за исполнување на обврските од аспирациите на Република Македонија за членство во ЕУ и во НАТО. Целта е Факултетот да биде иновативна и меѓународно препознаена институција за образование, истражување и развој во полето на безбедноста. Основната мисија на Факултетот е да придонесе за зголемување на стабилноста и безбедноста во општеството преку учење и спроведување на истражувања и развојни активности во полето на безбедноста. Во оваа насока изминатата учебна година Факултетот потпиша многубројни меморандуми за соработка со домашни и странски институции и организации со цел негово поуспешно работење и етаблирање во општеството.
Особено настојуваме да ги осовремениме условите за учење и работа. Планираме воведување на, во европски рамки добро познатото, учење на далечина и е-учење, притоа користејќи ги предностите на информациските технологии, кои несомнено може да најдат значајна примена и во безбедносните науки. Ова ќе овозможи брз трансфер на знаења и можност за користење на најновите светски искуства од истражувањата во областа на безбедноста.
Дополнително, ќе ги следиме потребите од подготовка на нови студиски програми чија цел ќе биде да се задоволат потребите на безбедносните институции во Република Македонија. Ќе продолжиме со поддршката за дополнителна стручна и професионална надградба на секој од наставниците и соработниците на факултетот, ќе инвестираме во капацитетите на секој од нас, имајќи предвид дека наставникот може да придонесе во образованието на студентите само ако е во тек со најновите светски случувања и настани.
Секако, приоритет на факултетот ќе биде формирање на институт за безбедносни истражувања, квалитет и развој.
Претстојат уписи на нови студенти на студиските програми за прв циклус за новата академска 2018/2019 година. На кои студиски програми сегашните матуранти може да го продолжат своето образование?
Студиските програми на Факултетот за безбедност се подготвени на начин така што да ги препознаат и исполнат потребите на различните безбедносни институции во државата и може да се истакне дека речиси сите сегменти во областа на безбедноста се застапени на Факултетот за безбедност.
Согласно Конкурсот за запишување студенти во студиската 2018/19 година, на Факултетот за безбедност има 450 слободни места за запишување на следните студиски програми:
а) Криминалистика – 180 студенти
б) Безбедност – 110 студенти
в) Криминологија и криминална политика – 110 студенти
г) Безбедност и евроатлантски интеграции – 50 студенти
Што нудат студиските програми на Факултетот за безбедност-Скопје?
Студиските програми на студентите им нудат можност да ги проучуваат прашањата на безбедноста од различни аспекти и да се стекнат со знаења и вештини кои можат да ги користат во развојот на нивната кариера во полицијата и другите безбедносни институции во државата. Преку интерактивниот пристап, соодветните лаборатории и помагала каде што нашите студенти стекнуваат знаења, но и преку практичните сценарија кои се спроведуваат во тренинг-центарот на Факултетот, студентите имаат можност непосредно и во реални услови да се запознаат со постапките и процедурите на полициското работење. Покрај тоа, користејќи современа домашна и светска литература, студентите имаат единствена можност да ги проучуваат условите во безбедноста, криминалистиката и криминологијата и активно да учествуваат во процесот на совладување на знаењата. Нашата основна цел е да произведуваме кадри кои на едноставен и брз начин можат да почнат во практика да ги применуваат знаењата стекнати за време на студирањето.
Веруваме дека оваа година матурантите посебен интерес ќе пројават за студиската програма Безбедност и евроатлантски интеграции, на која ќе можат да се запишат 50 студенти. Групата за редовни студенти ќе биде 40 студенти, што остава простор за сериозна посветеност и внимание за секој студент посебно. Оваа програма е исклучително значајна за општеството во моментов, но и многу атрактивна за студентите. Студентите ќе имаат можност да ги изучуваат европските институции, од нивното формирање и развојот, особено безбедносните институции, политиките и практиките на ЕУ и на НАТО.
Потпишаните договори со многубројни министерства и други државни институции ја отвораат можноста студентите да се запознаат со начинот на работа и функционирањето на повеќето од нив преку реализација на практичната работа во нив. Па така, во летниот период, сите студенти во градовите од кои потекнуваат или таму каде што ќе изразат подготвеност поминуваат најмалку 20 дена практична работа во подрачните единици на Министерството за внатрешни работи. Потоа, по неколку дена поминуваат и во други институции, како Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа, повеќе дирекции и агенции во системот на националната безбедност, но и странски владини организации со седиште во Скопје, како MARRI центарот, Меѓународната организација за миграции и слично. Значајно е да се истакне и дека потпишаниот договор за соработка со Комората за приватно обезбедување на Република Македонија остава простор за практична работа на студентите и во агенциите за приватно обезбедување.
Дополнително, обуката за логорување што ја спроведуваме секоја година со посебните единици на полицијата предизвикува особен интерес кај студентите и му дава белег на студирањето.