X
 12.04.2023 Образование

На УКЛО продолжува проектот за неформално учење: Суштински аспекти од работилницата за унапредување на правописните и правоговорните знаења, способности и вештини на студентите

Проектот „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ“ продолжува со одржување обуки на интересни и актуелни теми. Факултети.мк со посебен интерес се осврнува кон суштинските аспекти од работилницата за унапредување на правописните и правоговорните знаења, способности и вештини на студентите, особено поради потребата да бидеме повнимателни и повеќе да се грижиме за правилната употреба на македонскиот јазик.

Професорката Виолета Јанушева од Педагошкиот факултет - Битола за студентите на УКЛО одржа обука за унапредување на нивните знаења и вештини во однос на нормата на македонскиот стандарден јазик како услов за градење добра писменост и јазична култура и особено затоа што секое современо општество од секој поединец бара правилно усно и писмено изразување. Посебен интерес студентите покажаа за правилата во однос на зборовите што често се користат без да се свесни дека станува збор за туѓи зборови и без да го знаат македонскиот соодветен збор. Воедно, учесниците изразија интерес овој вид работилници да се одржуваат тематски, со вежби за правилно зборување и пишување.

uklo

Кон суштинските аспекти од работилницата:

Денес, македонскиот стандарден јазик е стабилизирана наддијалектна форма за сите припадници на општествената заедница. Во исто време, тој ги обединува сите припадници на нацијата и затоа мора да биде постојано стабилен, а тоа може да се постигне преку доследно почитување на стандарднојазичната норма не само во говорната, туку и во пишаната форма.

Досегашните научноистражувачки резултати, во однос на употребата на македонскиот јазик во практика, недвосмислено покажуваат дека таа не е на задоволително ниво. Различни фактори влијаат на оваа незадоволителна употреба, меѓу кои непознавање на законитостите во развојот на македонскиот јазик, непочитување на стандарднојазичната норма, влијанието од туѓите јазици итн. Погрешната примена на нормата во сите сфери на општественото живеење и дејствување доведува до усвојување погрешни модели, кои понатаму се пренесуваат во секојдневната формална и неформална комуникација и се усвојуваат како правилни.

Оттука, оваа работилница нема цел да критикува, а уште помалку да обвинува. Со нејзината реализација се остварува едно од основните начела на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола и на Педагошкиот факултет од Битола, а тоа е афирмација и унапредување на нормата на македонскиот стандарден јазик и особено нагласувањето на свесниот напор вo нејзината примена. Во исто време, оваа работилница претставува поттик и повик до сите во иднина да бидеме повнимателни и повеќе да се грижиме за правилната употреба на македонскиот јазик.

„Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“ (Б. Конески).

3

Тоа наведува на нагласување на потребата од поголемо почитување на нормата на македонскиот јазик, односно, според зборовите на Конески, од поголем свесен напор во развојот на нашиот јазик. Оттука, не треба да се занемари и улогата на лекторите, кои треба да имаат важна улога во јазичното обликување на еден текст. Само со доследно почитување на нормата се обезбедува нејзината стабилност и се чува националниот идентитет.

Проектот „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ“ се одржува во Студентскиот информативен центар на УКЛО, започна на 3.4.2023 г. и опфаќа повеќе обуки структурирани во два пакета: за поттикнување креативност, иновативност и мотивирачко опкружување за учење, како и работилници за поттикнување современи истражувачки и создавачки пристап и знаење.

Обуките и термините на одржување, УКЛО ги постави на својата веб-страница на СИЦ календарот.

(Комерцијална објава)
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование