X
 13.12.2024 Живот

Интервју со Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ: За да се стави крај на родовото насилство врз девојчињата, потребни ни се примарна превенција и ефективна реакција

Неодамна дадовте изјава за „16 дена активизам против родово базирано насилство“, нагласувајќи дека борбата за ставање крај на насилството врз жените е и борба за заштита на девојчињата од некои од најраспространетите повреди на човекови права во светот. Може ли да ни кажете повеќе за тоа со какви ризици се соочуваат девојчињата?

- Секоја осма девојка или жена што живее денес доживеала силување или сексуален напад пред да наполни 18 години, според првите од ваков вид глобални процени за сексуалното насилство врз децата, објавени од УНИЦЕФ во октомври 2024 година. Кога ќе се вклучат и „бесконтактните“ форми на сексуално насилство, како што се онлајн или вербалната злоупотреба, бројот на погодени девојки и жени во светот расте на 650 милиони, односно секоја петта девојка или жена.

Според глобалните податоци, најголем дел од сексуалното насилство во детството се случува за време на адолесценцијата, со значителен скок меѓу 14 и 17-годишна возраст. Истражувањата покажуваат дека децата што ќе доживеат сексуално насилство имаат поголеми изгледи да претрпат повторна злоупотреба. Оние што доживеале сексуално насилство, често ја носат траумата во зрелоста, соочувајќи се со повисоки ризици од сексуално преносливи болести, злоупотреба на супстанции, социјална изолација и проблеми со менталното здравје, како што се анксиозност и депресија, но и со предизвици при формирање здрави врски. Податоците зборуваат дека ефектот станува уште посложен кога децата ги кријат своите искуства многу долго време, или кога злоупотребата целосно ја држат во тајност.

Сексуалното насилство, детските бракови и сексуалната трговија се форми на родово базирано насилство чии жртви најчесто се девојчињата. И покрај постојаниот пад на детските бракови во изминатата деценија, тие и понатаму предизвикуваат загриженост за девојчињата во РС Македонија. Осум проценти од сите жени на возраст од 20 до 24 години во земјава првпат биле во брак или во заедница пред да наполнат 18 години. Уште позагрижувачки е тоа што 45 отсто од жените Ромки во земјава на возраст од 20 до 24 години првпат стапиле во брак или во заедница пред да наполнат 18 години, а 15 отсто од жените во истата старосна група биле во брак или во заедница пред 15-годишна возраст.

Друг растечки проблем е ризикот од сексуално насилство преку интернет. Неодамнешните податоци на линијата за дојави Сајбер типлајн (Cyber Tipline) покажуваат двапати поголем број, т.е. 12.310 пријавени случаи на фотографии/видеа со сексуална злоупотреба на дете споделени во земјата во 2023 година, во споредба со 6.045 во 2021 година. Скорешните случаи на сексуална експлоатација на девојчиња во РС Македонија откриваат дека сторителите сѐ повеќе користат онлајн платформи за намамување на своите жртви, при што се јавува потребата децата да се оспособат за побезбедно навигирање низ дигиталниот свет.

Споменавте и дека општествените ставови, верувања и стигмата придонесуваат кон неверување и обвинување на жртвата за злоупотребата, при што ѝ се наметнува молчење и не се презема ништо, со што се штитат сторителите. Како може ова да се смени?

Многумина, вклучително и членовите на семејството и заедницата, често погрешно ја разбираат сексуалната злоупотреба и експлоатација на деца. Нивните реакции може да бидат неверување, па дури и обвинување на жртвата или принудување на молчење или неактивност за да се заштити сторителот или да се зачуваат угледот и честа. Факторите што придонесуваат кон овој проблем се општествените норми со кои на возрасните им се дава контрола врз децата и се поддржуваат патријархалните практики и ставови, како и слабите закони со кои пречесто се обвинуваат жртвите, а се ослободуваат сторителите.

За да се стави крај на родовото насилство врз девојчињата, потребни ни се примарна превенција и ефективна реакција. Со примарната превенција, причините се решаваат од корен, а тука спаѓаат штетните верувања, ставовите, однесувањата и нееднаквоста на сите нивоа: поединец, семејство, заедница, организации и општество. На пример, напорите за промена на општествените норми нема да успеат без вклучување на луѓето во заедницата, што ги опфаќа и мажите и момчињата. Затоа, сите имаат улога – владините институции, заедниците, семејствата.

Домот, училиштето, заедницата и интернетот мора да создадат безбедна средина за девојчињата и момчињата. Родителите треба да знаат како да ги поучат помалите деца за возрасните на кои може да им се верува, деловите од телото, препознавањето несоодветно допирање или однесување (вклучително и онлајн) и со кого да разговараат ако имаат потреба. За поголемите деца над 10 години, ова опфаќа осврт на теми како сексуална виктимизација, што значи согласност, почит и родова еднаквост во односите со врсниците, семејството и во интимните врски.



Мислите ли дека земјата има соодветна законска рамка за заштита на девојчињата од родово базирано насилство? Што би препорачале да направи земјата за подобро спроведување на овие закони?


Северна Македонија направи значителен напредок во донесувањето закони за заштита на девојчињата од родово базирано насилство, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права. Законот за правда за деца гарантира заштита на децата-жртви преку мерки за спречување ревиктимизација. Тие опфаќаат повеќе заштитни мерки при сведочење на деца, со цел да се избегне повторна трауматизација поради многубројните и повторени распити. Со овој закон се уредува децата-жртви да уживаат засилена заштита и поддршка од сите институции, тела и поединци во системот за детска правда. Ова е клучно за да се обезбеди жртвите да бараат правда од систем што е подготвен да ја исполни.

Кривичниот законик ги штити децата од сите форми на насилство и наметнува строги казни за да ги одврати сторителите. На пример, производство и дистрибуцијата на материјал кој прикажува сексуална злоупотреба на деца се казнува со најмалку пет години затвор. Силувањето дете кое не наполнило 15 години е казниво со најмалку осум години затвор, исто како и трговијата со деца. Но, цврстото законодавство може да го постигне посакуваното влијание само доколку тоа законодавство ефективно се спроведува.

Земјата треба да инвестира во спроведување на законодавната рамка, вклучувајќи:

• Градење на капацитетите на стручните лица од правосудниот систем, вклучително и адвокатите, при работа со деца да применуваат пристап кој е воден од доживеаната траума и кој е сензитивен кон децата.
• Децата-жртви на сексуална злоупотреба и експлоатација да имаат посебни права на процесна заштита, пристап до услуги за поддршка и навремени, правични правни лекови при повреда на правата.
• Прописно спроведување на Кривичниот законик и Законот за правда за деца и обезбедување средства, насочување и обука за професионалците. Сторителите мора да се идентификуваат, соодветно да се санкционираат и да се спречат да го повторат делото. Не треба да има неказнивост за сторителите. Ова е клучно за постепено да се искоренат сите форми на родово базирано насилство врз девојчињата и момчињата и за да се изгради доверба во системот.
• Правосудниот систем да обезбедува брза, ефикасна и ефективна правда. Приоритет треба да се даде на случаите во кои се вклучени деца, а судството треба да овозможува итна постапка во сериозни случаи за да се спречат трајни последици врз децата.

Издвојуваме

Живот