Кучињата-роботи би можеле да им помогнат на фармерите побрзо да го проценат квалитетот на почвата, се надеваат научниците кои водат технолошки експеримент во Корнвол.
Уредот, развиен од компанија од Корнвол, користи детектор на гама-зраци за да го процени квалитетот на почвата. Фармерот Малколм Барет, кој изнајмува фарма непосредно до Бодмин, работи со научници од Универзитетот „Плимут“ кои користат детектор за гама-зраци монтиран на куче-робот, за да го мапираат квалитетот на почвата во неговите полиња.
Тој се надева дека технологијата, која е побрза и поефикасна од конвенционалната анализа, може да ги направи фармите попрофитабилни со намалување на употребата на вештачки адитиви, доколку бидат откриени.
Кучињата-роботи може да се користат и за тешко достапни места, како ридови или живи огради.
Кучето-робот го развил Џејк Шо-Саттон, поранешен студент на Универзитетот „Плимут“ и коосновач на компанијата за роботика „Роботрикс“ во Пар.
- Нашиот најнов експеримент се фокусира на теренот бидејќи често е недоволно истражен и тоа влијае врз сè околу него. Кучињата-роботи можат да бидат корисни и за испитување тешко достапни места, како што се ридови и жива ограда. Неговата максимална брзина е 5 метри во секунда, а тежи околу 15 килограми. Клучната предност на овој робот е што може да се движи по многу непристапни терени и тешки површини благодарение на неговите нозе - истакнал Шо-Саттон.
На терен биле користени и роботи што носеле сензори за мерење на квалитетот на почвата. Детектор за гама-зраци од 25.000 фунти, поставен на куче-робот, го мери природното ниво на радијација во земјата.
- Вообичаено би користел лопата за да земам примероци од почвата од пет локации на теренот. Потоа би требало да ги испратам во лабораторија и да ги чекам резултатите - рекол еден фармер.
- Крајната цел е да се обезбеди карта на својствата на почвата кои се важни за земјоделецот. Проблемот со традиционалните анализи на почвата е што тие одземаат многу време и се скапи. Обично, земјоделецот може да си дозволи да земе неколку примероци од секое поле, а потоа треба да чека со денови или недели додека да пристигнат податоците - коментирал водачот на експериментот, Вил Блејк.
Извор: index.hr
Фото: Soil Association