Стареењето со себе носи два спротивставени тренда на ризик од рак. Прво, ризикот се зголемува во 60-тите и 70-тите години поради децениските генетски мутации во нашите тела. Но, потоа, по доживувањето на 80-тата година, ризикот повторно опаѓа, а нова студија можеби ја открива причината за тоа.
Меѓународен тим од истражувачи анализирал рак на белите дробови кај глувците, следејќи го однесувањето на матичните клетки од алвеоларниот тип 2 (АТ2). Овие клетки се клучни за регенерација на белите дробови, но се и местото каде што често почнува да се развива ракот на белите дробови.
Кај постарите глувци се појавиле повисоки нивоа на протеин наречен NUPR1. Тоа предизвикало клетките да се однесуваат како да им недостига железо, што за возврат ги ограничило нивните нивоа на регенерација, ставајќи рестрикции и на здравиот развој и на канцерогените тумори.
- Постарите клетки, всушност, имаат повеќе железо, но поради причини кои сè уште не ги разбираме целосно, тие функционираат како да немаат доволно. Постарите клетки го губат капацитетот за обновување и со тоа и за брзиот раст што се случува кај ракот - вели биологот за рак Ксуекијан Жуанг.
Било утврдено дека истите процеси се случуваат и во човечките клетки: повеќе NUPR1 води до пад на количината на железо достапно за клетките. Кога NUPR1 бил вештачки намален или железото вештачки зголемено, способностите за раст на клетките повторно биле зајакнати.
Ова може да биде потенцијален пат за истражувачите да ги истражат третманите кои го таргетираат метаболизмот на железо, особено кај постарите лица. Можеби би можело да го поврати капацитетот на белите дробови, на пример, кај лицата што се соочуваат со долгорочни ефекти од ковид-19.
Откритијата имаат импликации и за лекувањата на рак базирани на видот на клеточна смрт наречена фероптоза, која е предизвикана од железо. Истражувачите утврдиле дека оваа клеточна смрт е поретка кај постарите клетки поради нивниот функционален дефицит на железо.
Тоа можеби ги прави и поотпорни на третманите за рак базирани на фероптоза кои се развиваат, па колку порано се испроба лекување со фероптоза, толку поверојатно е дека ќе функционира.
- Она што нашите податоци го сугерираат во однос на превенција на рак е дека настаните што се случуваат кога сме млади се веројатно многу поопасни од настаните што се случуваат подоцна. Па, превенцијата на младите од пушење или сончање или други очигледни канцерогени изложувања веројатно е многу поважна отколку што мислевме - вели Туомас Тамела, биолог за рак.
Како и секогаш со третманите за рак, треба да се земат предвид повеќе фактори: видот и стадиумот на ракот, други медицински состојби кои би можеле да бидат вклучени и (како што покажува оваа нова студија) возраста на лицето. Колку поперсонализирани ги правиме овие третмани, толку поефикасни можат да бидат.
Истражувањето е објавено во „
Нејчр“.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik