Ни еден тест ќерка ми нема донесено дома, а е прва година средно. Повеќето професори им ги покажуваат на час, на катедра, еден по еден, колку да видат што добиле, но реално немаат време да ги разгледаат. На тестовите со задачи воопшто не знаат каде згрешиле, не можат да го донаучат тоа што им фали зашто не знаат што е тоа. Има и професори што никогаш не им ги даваат тестовите да ги видат, туку само им ги читаат оценките. Ова значи дека оценувањето воопшто не е транспарентен процес, споделува еден родител
Тестовите што ги прават учениците по наставните предмети во основно и средно училиште не им е дозволено да ги носат дома, а некои наставници не им ги даваат ниту на увид, како што ни споделија неколку родители. Родителите и учениците се чувствуваат обесправени и сметаат дека на овој начин учениците не можат да се поправат во знаењето, ниту знаат каде грешат, а и родителите се оневозможени да им помогнат. Од друга страна, наставниците имаат неколку причини зошто не им ги даваат тестовите на учениците.
Родителите не виделе тест од своите деца
- Најчесто сумативното оценување се врши на секое тромесечје и според постигнатиот резултат од тестирањето, се добива оценката. Но тестовите многу ретко се достапни за родителите, дури понекогаш и за учениците, така што не може да се направи увид во направените грешки. Мое лично мислење за причината зошто не ги даваат: прво во нашиот образовен систем нема стандардизирани тестови кои ќе бидат исти за сите ученици. Според тоа, секој наставник си изработува свој субјективен тест за кој не е сигурен дека е валиден за сумативна оценка. Второ, има наставници кои секоја година и на секоја генерација им ги даваат истите тестови, па не сакаат тестовите да им бидат пробиени. Трето, некои наставници како изговор го користат фактот дека учениците не им ги враќаат тестовите, а им се потребни за во досие кое го доставуваат на увид кај инспекторите. Четврто, сметаат дека учениците ќе злоупотребат некоја ненамерно направена грешка која можат потоа лесно да ја споделуваат на социјалните мрежи – споделува Милена, родител на двајца основци и наставник.
Уште неколку родители ни споделија дека исто така не виделе ни еден тест на своите деца.
- Ни еден тест ќерка ми нема донесено дома, а е прва година средно. Повеќето професори им ги покажуваат на час, на катедра, еден по еден, колку да видат што добиле, но реално немаат време да ги разгледаат. На тестовите со задачи воопшто не знаат каде згрешиле, не можат да го донаучат тоа што им фали зашто не знаат што е тоа. Има и професори кои никогаш не им ги даваат тестовите да ги видат, туку само им ги читаат оценките. Оценувањето воопшто не е транспарентен процес. Значи, јас како родител ако сакам да ги видам тестовите на моето дете, треба да земам слободни денови од работа и секој ден да одам во кабинет кај различен професор во терминот што го закажал како отворен час, т.е. час за родителите. Ова само ја отежнува соработката меѓу родителите и професорите, особено имајќи предвид дека не знаеме во кои делови од материјалот нашето дете е послабо, па да му помогнеме, како и земајќи ја предвид возраста, кога може и некои работи да ги премолчат. Сметам дека оваа практика итно треба да се промени – вели К.И, родител на ученик во гимназија во Скопје.
Не ги даваат тестовите заради заштита од злоупотреби
Спасе Блажевски е наставник по историја во СУГС „Панче Арсовски“ и во ЕМУЦ „8 Септември“ веќе 8 години и ни изјави дека ретко прави тестови.
-Но и кога правиме, не им ги даваме да ги однесат дома од причина што може да има злоупотреби – копирање, допишување итн. А на увид секој родител може да дојде да го види тестот. Друга причина е тоа што родителите некогаш доаѓаат со забелешки: „Моето дете само вашиот предмет го учи, зошто има таква оценка“ и треба да ја оправдуваш оценката со факти – посочува наставникот Блажевски.
Според Митко Димовски, директор на средното училиште „Орце Николов“, индивидуално е правото на давање тестови, зависно од предметот, но генерално учениците имаат право на увид на тестот што го правеле.
- За давање тестови дома е дискутабилно бидејќи тоа е документ на школото (наставникот), може, но не мора, а ако родителот сака да го види тестот на своето дете, може да дојде во терминот кога предметниот професор има предвидено ден за прием на родители и тоа е официјално истакнато на огласна табла – ни изјави Димовски.
Од МОН, исто така, потврдуваат дека согласно правилниците за начинот на следење, проверување и оценување, полагање испити и напредување на учениците во основното и средното образование, предвидено е дека на ученикот му се овозможува увид во оценката од писмените работи, графичките, техничките и други изработки.
- На барање на родителот, односно старателот на ученикот, предметниот наставник кој ја оценил писмената работа и другите изработки му овозможува увид во писмената работа и другите изработки. Овој увид родителот, односно старателот не може да го оствари по 31 август кога завршува учебната година - соопштуваат од МОН.