Кога наградуваната авторка Мекензи Безос и нејзиниот сопруг Џеф Безос, главниот извршен директор и основач на „Амазон“, на „Твитер“ најавија дека се разведуваат, јавната расправа за разводот се фокусира на влијанието што тој би можел да го има врз компанијата на Џеф. Доколку тој и сопругата еднакво го поделат богатството вредно 136 милијарди долари, се шпекулира дека Мекензи може да стане најбогатата жена во светот, многу побогата и од Илон Маск.
Странските медиуми известуваат дека парот немал потпишано предбрачен договор. Вашингтон, државата каде што живеат, е држава во сопственост на заедницата, што значи дека сите имоти и долгови стекнати во текот на 25-годишниот брак може да еднакво да се поделат ако Безос не успее да направи некаков договор. Колку за потсетување, компанијата „Амазон“ е стара 24 години.
- Низ историјата и денес на жената ѝ е потребен многу поголем доказ дека е компетентна, важна и интелигентна - нешто што секојдневно го гледаме кај Хилари Клинтон и Александрија Окасио Кортез - вели Мари Хикс, историчар на технологија и автор.
Фото: Getty Images
Империите како „Амазон“ и „Епл“ не се создадени од еден човек во вакуум; тие се производ на мешавина од среќа и придонес од целиот тим - вклучувајќи го и брачниот другар на основачот.
Мекензи се запознала со Џеф откако дипломирала на „Принстон“ во 1992 година и се вработила во хеџ фондот „Д.И.Шо“, каде што веќе работел Безос. Во 1993 година се венчале.
- Тие се откажале од навистина удобен животен стил и успешна кариера за да се селат низ целата земја и да започнат нешто на интернет. Единствената причина што Џеф успеал во сето тоа е затоа што имал исклучителна поддршка од сопругата. Станува збор за неверојатен ризик што и двајцата се согласиле да го преземат - вели Бред Стоун, автор на книга за Безос и „Амазон“.
Во 2010 година, во говорот пред студентите од Универзитетот „Принстон“, Џеф го признал ризикот што го презема неговата сопруга.
- Ѝ реков на мојата сопруга Мекензи дека сакам да дадам отказ од работа и да ја направам оваа луда работа што веројатно нема да функционира со оглед на тоа што повеќето стартап-компании не функционираат. Мекензи ми рече дека треба да го направам тоа - рече Џеф во говорот.
Во Белви, предградие на Сиетл, каде што Џеф изнајмил гаража која била првото седиште на „Амазон“, Мекензи помогнала во стартувањето на компанијата. Таа пишувала чекови и помагала во следењето на книгите. Во интервју од 1999 година Џеф изјавил дека таа помогнала во преговорите за првите договори. Како што компанијата растела и ангажирала повеќе вработени, така Мекензи помалку играла улога во секојдневните операции на „Амазон“, иако продолжила да го поддржува Џеф во настаните на компанијата.
Освен нејзиниот профил објавен во магазинот „Вог“ пред речиси пет години, Мекензи одржува низок јавен профил.
Таа ја нагласува сопствената улога во компанијата. - Работев за Џеф во „Д.И.Шо“, бев таму кога го напиша бизнис-планот, работев со него и со многу други во гаражата, подрумскиот магацински плакар, канцелариите, центрите за дистрибуција за време на Божиќ во раните години од историјата на „Амазон“.
Улогата на
Мекензи во историјата на „Амазон“ можеби не е толку важна колку постоењето на „World Wide Web“. Но, и не е толку едноставно. Дали електронската трговија денес би била поинаква ако Мекензи одбиела да се пресели во Сиетл и да стане дел од интернет-стартапот? Безбројните одлуки што придонесуваат за успехот или неуспехот на една компанија, некои големи, некои мали, речиси никогаш не потекнуваат од една личност.
Митот за осамениот гениј во голема мера е разоткриен. Многу луѓе го олеснуваат создавањето на компании како „Амазон“ и богатството што го создаваат, од пронаоѓачи, вработени, до креатори на политика, даночни обврзници и брачни другари.