X
 08.08.2018 Живот

Најбогатиот човек на светот се води по овие три начела кога вработува нови лица

Во „Амазон“ денес работат повеќе од 500 илјади луѓе, но почетоците на Џеф Безос, кој сега е најбогат човек на светот, не се ниту малку гламурозни. Во раните денови, во 1995 година, „Амазон“ бил тим од десетина лица, а седиштето го преселил од гаражата на Безос во канцелариите во Сиетл, сместени покрај собиралиште на зависници од хероин и еротска продавница.

Меѓутоа, Безос уште тогаш имал визија за растот на неговата компанија, а знаел и дека за да постигне сѐ што сака, покрај себе мора да има способни луѓе.

- Би било невозможно да се постигнат саканите резултати во динамичниот свет на интернетот без извонредни луѓе - тврдеше Безос тогаш.

Затоа тој во 1998 година составил три едноставни прашања што требало да послужат како водич при вработување нови луѓе. Иако оттогаш поминаа 20 години, во „Амазон“ потврдуваат дека размислувањето на Безос сѐ уште е дел од рамката на компанијата при регрутирањето нови лица.

Еве што Безос смета дека е клучно при изборот на нови работници.

1. Ќе ѝ се восхитувате ли на оваа личност?

- Секогаш се трудам да работам само со оние луѓе на кои им се восхитувам и ве поттикнувам да го направите истото - им напишал Безос на своите вработени задолжени за регрутирање нови работници.

Најбогатиот човек на светот не е единствениот што размислува вака. И Марк Закерберг, основач и прв човек на „Фејсбук“, исто така се залага за вработување само на оние лица што и лично ги почитувате.

- Секогаш им зборувам на луѓето дека треба да ги вработат само оние кандидати за кои и тие лично би сакале да работат - изјави Закерберг неодамна.

2. Дали ова лице ќе ја зголеми продуктивноста на тимот во кој влегува?


- Скалилото мора постојано да се крева. Секогаш барам од луѓето да ја визуализираат компанијата за пет години. Во тој момент секој од нас би требало да рече: Стандардите се толку повисоки, драго ми е што се вработив порано - пишува Безос во едно писмо во 1998 година.

За да си обезбедат вработување најдобрите и најбистрите, во „Амазон“ постои група вработени кои освен што имаат секојдневни задачи, задолжени се и за зголемување на критериумите. Дополнително, тие би требало и да проверат како новите вработени се вклопиле во културата на компанијата.

3. Во кој сегмент ова лице би можело да стане ѕвезда?

- Многу луѓе имаат уникатни вештини, интереси и перспективи кои можат да го збогатат работното опкружување за сите нас, иако често тие вештини не се поврзани со нивните работни задачи - напишал Безос во 1998 година.

Тој додава дека вработил и национален првак во спелување.

- Претпоставувам дека тоа не помага во секојдневната работа, но позабавно е да работи тука ако одвреме-навреме во ходникот можете набрзина да го предизвикате со „ономатопеја“ - продолжува најбогатиот човек на светот.

Безос всушност сака да каже дека е корисно да се согледа лицето во целина, со сите вредности, без оглед на тоа колку на прв поглед изгледа небитно за работата.

Денес стратегијата за вработување на компанијата има 14 принципи, но овие три прашања сѐ уште се дел од политиката за вработување.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот