Пријателите, но и критичарите на новоизбраниот претседател на Аргентина, ултралибералниот економист Хавиер Милеи, го споредуваат со неговите колеги - десничарските популисти Доналд Трамп и Жаир Болсонаро. Други велат дека е мешавина на Борис Џонсон и куклата убиец Чаки, пишува „Гардијан“.
Но, кога неговата консултантка за имиџ ја смислувала неговата специфична фризура, таа имала на ум двајца различни мажи - Елвис Присли и Волверин на „Марвел“.
- Тој изгледа како Волверин. Се однесува како Волверин. Тој е антихерој - изјави Лилија Лемоин, професионална костимографка и новоизбрана конгресменка, за нејзиниот сојузник против естаблишментот.
Лемоин, чие уметничко име е Лејди Лемон, рече дека гледа впечатливи сличности меѓу новоизбраниот претседател на Аргентина и ликот на „Марвел“.
- Волверин е лојален и храбар. Може да се налути и да биде агресивен кон своите непријатели, но само кога е нападнат. Никогаш нема да убие или да нападне некого без причина. Тој е навистина прекрасен - изјави таа, нарекувајќи го Милеи најбараниот човек во Аргентина во моментов.
Неговата неовластена биографија го прикажува како осаменик кој претрпел злоупотреба од родителите како дете и булинг од врсниците во текот на 80-тите години, поради што го добил прекарот Ел Локо (Лудиот).
- Она што ме загрижува е неговата состојба на умот и емоционалната стабилност - вели авторот Хуан Луис Гонзалес.
Лемоин открива дека Милеи ужива во музиката на „Ролинг стоунс“, Боб Марли и Верди.
- Тој ја сака операта и пее оперски песни. Не е многу добар, но не кажувајте никому дека така сум рекла - вели таа.
Милеи бил поуспешна медиумска личност отколку пејач. Стекна слава како економски експерт во аргентинските ТВ-емисии во кои се зборуваше за мизеријата на инфлацијата, но и за радостите на тантричкиот секс. Публиката го знае по неговите шокантни изјави и неговата склоност да привлекува внимание со употребата на многу вулгарни зборови. Токму тие изјави го направија познат и му помогнаа да ја започне политичката кариера пред околу пет години.
На претседателската фотелја седнува во момент кога меѓу гласачите во Аргентина владее голем гнев поради корупција и лошо управување, а земјата е во најтешката економска криза во последните две децении.
- Неговиот избор е очаен обид да се добие нешто ново, што и да е. Опциите што ги имаа гласачите горе-долу беа исти - вели Бенџамин Гедан, аргентински експерт од Центарот „Вилсон“. Тој додава дека народот ќе зажали доколку тој успее да реализира макар и мал дел од неговите идеи. А дел од нив се: легализирање на продажбата на човечки органи, драматично намалување на социјалните бенефиции, минимизирање на злосторствата на аргентинската диктатура од 1976-1983 година и прекинување на врските со двата најважни трговски партнери на Аргентина, Бразил и Кина.
За време на изборната кампања, Милеи вети дека ќе ја укине аргентинската централна банка и ќе ја доларизира економијата и мавташе со моторна пила за да ги симболизира строгите намалувања за кои веруваше дека ќе помогнат да се стабилизира економијата и да се „истреби“ неконтролираната инфлација.
Биографијата на Милеи сугерира дека некои од овие идеи можеби се поврзани со фактот дека тој има пет клонирани кучиња од расата мастиф, именувани по економисти, вклучувајќи ги Мареј Ротбард и Роберт Лукас.
- Тие се високи околу 2 метра, а тежат околу 100 килограми. Тој ги нарекува свои четириножни деца - рече Лемоин, смеејќи се на тврдењата дека идниот лидер на Аргентина добива политички совети од животните.
Многу експерти веруваат дека Милеи сепак ќе биде принуден да биде умерен откако ќе ја преземе власта следниот месец и ќе мора да се бори да ги спроведе своите поконтроверзни предлози. Неговата партија контролира само 38 од 257 места во Долниот дом на Аргентина и осум од 72 места во Сенатот.
Но, во неделата вечерта Милеи не покажа дека планира да се повлече од својата визија за „втората по големина економија во Јужна Америка“.
- Промените што ѝ се потребни на оваа земја се драстични - изјави тој, објавувајќи ги плановите слични на Трамп да ја направи Аргентина повторно голема.
Уште пред да се знае неговата победа на изборите, Лемоин рече дека е уверена дека ќе победи Милеи.
- Среќна сум бидејќи го знаев тоа од самиот почеток. Убаво е да се знае дека сте биле во право дури и кога никој не верувал - рече таа.
Фото: Screenshot/YouTube