Научниците откриле дека вид бактерии што не вршат фотосинтеза имаат биолошки часовник како луѓето.
Кај луѓето, биолошкиот часовник ги контролира сите процеси во телото и влијае врз времето на заспивање и станување, како и врз метаболизмот и когнитивните процеси. Овој биолошки 24-часовен циклус бил забележан кај други форми на организми, како животни, растенија и габи.
Феноменот бил забележан кај бактериите што вршат фотосинтеза, кои користат светлина за да произведат хемиска енергија, но досега не се знаело дали другите бактерии имаат внатрешен биолошки часовник.
- Првпат откривме дека бактериите што не вршат фотосинтеза знаат колку е часот. Тие ги адаптираат молекуларните
активности на времето во денот со помош на светлината и температурата во околината - вели хронобиологот Марта Мероу од Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен.
Фото: Pixabay
Мероу и колегите правеле анализа на бактеријата Bacillus subtilis, која се наоѓа во почвата и во цревата на некои животни, како и кај луѓето. Бактеријата не врши фотосинтеза, но е чувствителна на светлина бидејќи има фоторецептори, а претходни набљудувања покажале дека нејзините процеси можеби следат дневен циклус кој одговара на околината.
Во новото истражување научниците направиле експеримент за да ја потврдат оваа хипотеза и заклучиле дека бактеријата навистина има биолошки часовник. Сознанијата се однесуваат само на еден вид бактерија, но ова е првпат овој феномен да биде забележан кај бактерии што не вршат фотосинтеза, што може да влијае врз човековото разбирање на бактериите во целост.
Бактериите сочинуваат околу 15% од живата материја на Земјата.
Автор: Питер Докрил
Извор:
sciencealert.com