X
 12.04.2023 Здравје

Наночестички од сребро ја зголемуваат ефикасноста на антибиотиците, покажува истражување

Истражувања покажуваат дека наночестички од сребро им помагаат на антибиотиците во борбата против отпорните бактерии. Меѓутоа, колку е здраво да се внесува сребро во телото?

Заразните болести предизвикани од бактерии се причина за голем број смртни случаи низ светот. Бактериските инфекции убиваат речиси 1,3 милион луѓе низ светот секоја година. Дополнително, расте бројот на инфекции предизвикани од бактерии што се отпорни на антимикробните лекови, односно антибиотиците. Затоа, постои голем интерес во медицината да се најдат нови, ефикасни антибиотици кои дејствуваат врз бактериите што се отпорни на претходната генерација лекови.

Неодамна објавено истражување покажува дека додавањето наночестички од сребро во одредени антибиотици ја зголемува нивната способност за уништување на бактериите кои инаку се отпорни на нив.

Среброто веќе се користи во кремови и облоги поради неговите докажани антимикробни карактеристики. Меѓутоа, засега тоа се користи во лекови кои се применуваат надворешно, односно на кожата.


Фото: Pixabay

Новото истражување покажало дека сребрените наночестички може да бидат нова алатка во борбата против бактериите преку орални лекови. Во експериментите, потребната доза на одредени антибиотици што биле „зајакнати“ со сребрени наночестички била помала за 20 пати во споредба со истите антибиотици без сребро.

Меѓутоа, може ли токсичноста на среброто да биде причина за загриженост? Истражувањето не покажало токсичност на дозите сребро што биле тестирани на животни. Сепак, животните се движеле помалку, што покажало на можни нуспојави на среброто врз мускулите или нервите. Научниците не знаат дали сребрените наночестички би го имале истото влијание и врз луѓето.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје