Темно е, влажно и опасно за излегување. Но, 12. момчиња и нивниот тренер, кои се заробени длабоко во поплавената пештера во Тајланд, имаат среќа што надворешниот свет знае каде се.
Откако беа пронајдени во понеделникот, момчињата јадеа, а медицинските проверки покажаа дека ниеден од нив не е во сериозна состојба. Но, поради дождот кој се очекува во следните денови, од војската предупредија дека може да поминат и четири месеци пред водата да се повлече доволно за да може момчињата да ја напуштат пештерата.
Покрај психолошката траума предизвикана од тоа што се заробени стотици метри под земја, отсуството на дневна светлина може да им направи чудни работи на чувството за време кај момчињата и нивната перцепција за него. Овие промени може да ги стават во ризик од депресија, несоница и потенцијално да создадат дисхармонија во групата. Што знаат научниците за тоа како нивните тела и умови ќе реагираат на темницата и има ли мерки што би можеле да им помогнат?
Ова не е првпат луѓе да бидат изолирани во пештера подолг период. Во 1962 година францускиот геолог Мишел Сифр мина два месеца во подземен ледник кој го открил во близина на Ница. Без часовник, календар или сончева светлина и без посети од надворешниот свет, Сифр дозволил неговото тело да го диктира неговото однесување. Тој ги запишувал своите активности и му телефонирал на неговиот тим надвор секогаш кога ќе се разбудел, јадел и пред да заспие, иако тие не му кажувале колку е часот. Кога неговите колеги му се јавиле да му кажат дека поминале два месеца, тој не им верувал, бил убеден дека поминал само еден месец. Неговата психолошка перцепција за време била уништена од постојаната темнина.
Мишел Сифр
Фото: BBC
Слично на ова, кога нуркачите ги најдоа момчињата во понеделникот, едно од првите прашања што тие ги поставија беше колку време поминале под земја.
Белешките на Сифр откриваат и друг интересен феномен. Иако минал речиси третина од времето спиејќи, како што би правел и кога би бил над земја, неговиот циклус на сон и будност не бил 24 часа, туку 24 часа и 30 минути. Тој престанал да живее според часовникот кој сите го следиме и времето диктирано од изгревањето и заоѓањето на сонцето.
Сличен феномен може да се забележи и кај луѓето што се целосно слепи. Тие не одат во чекор со надворешниот свет и времето на спиење им се менува со секој ден.
Некој со биолошки часовник од 24,5 часа може во понеделник да се разбуди во осум часот, но во вторник да стане во осум часот и 30 минути, а во среда во девет и така натаму, па по две недели неговото тело би мислело дека е 20 часот, а всушност би било осум.
Иако нашиот биолошки часовник работи побрзо или побавно од 24 часа, кога сончевата светлина ќе нѐ удри в очи секој ден, ова дејствува како копче за ресетирање за супрахијазматичното јадро (SCN) на хипоталамусот (кое учествува во контрола на ритамот на спиење и будност), одржувајќи го синхронизирано со циклусот на светлина или темнина во надворешниот свет.
Ако сте заробени под земја или ако оштетувањето на вашите очи е толку големо што вашиот мозок веќе не може да ја регистрира светлината - таа врска се губи и ќе почне да ви се менува времето на спиење.
Фото: BBC
Бидејќи е малку веројатно децата во пештерата да имаат ист биолошки часовник, периодите кога ќе бидат поспани или будни исто така ќе се разликуваат. Ова може да создаде проблеми во малиот простор, ако некои луѓе сакаат да спијат кога другите се будни.
Има часовници и во другите ткива и тие вообичаено се синхронизираат со помош на SCN. Ако се смеша нивниот тајминг, како што би се случило ако сте заробени под земја, тогаш овие други часовници може да се збунат. Таквото нарушување на биолошкиот часовник се поврзува со депресија, несоница, метаболистички и хормонални нарушувања и ослабена концентрација.
Сепак, има и противмерка. Кога 33 рудари од Чиле беа заробени 69 дена во 2010 година, долу беше испратено специјално осветлување во обид да се репризира природната светлина од надвор. Слична стратегија може да се искористи и во Тајланд. Ако вештачката светлина што се користи додека надвор е ден е доволно силна, ова може да го измами SCN за тоа само да се ресетира, овозможувајќи му да се синхронизира со надворешниот свет и да го одржува телото „во чекор со времето“.