Проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска од Техничкиот факултет - Битола, претседател на Советот за безбедност на сообраќајот во Битола, ја носи титулата амбасадор за промоција на културата во сообраќајот и културата во безбедноста во сообраќајот за Македонија. Општина Битола за нејзините досегашни резултати од ангажманот за безбедноста во сообраќајот, за добиените награди на европско ниво и обидот за подигнување на културата во безбедноста на сообраќајот низ плодните и успешни акции, активности, кампањи и интеграција на поединци и институции за сообраќајно-безбедни и сообраќајно-културни градови, ѝ го додели високото признание „4 Ноември“.
УКЛО од неодамна е член на
DataFromSky или ДФС, академската програма за автоматско прибирање и обработка на податоци собрани со видеокамерa или беспилотни летала - дронови. Заслугата и УКЛО да може да ги користи бенефитите од оваа академска програма произлегуваат од активноста и професионалниот ангажман на проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска од Техничкиот факултет – Битола.
ERASMUS + teacher, Факултет за транспорт, Полска
Во врска со членството на УКЛО во DataFromSky, проф. Јасмина Буневска-Талевска вели:
„Во услови кога напредните технологии постојано се развиваат, промените што доаѓаат со автоматизацијата и дигитализацијата не биле никогаш подинамични, а јас, како еден млад научен работник, постојано го имам тој предизвик: за осовременување на наставната програма. Воедно, веќе 18-ина години сум најблизок соработник на професорката Марија Малековска-Тодорова од Техничкиот факултет-Битола, која истовремено е претседател на Комисијата за самоевалуација на УКЛО, и постојано, кога разговараме, таа потенцира дека еден од начините за подобрување на препознатливоста и квалитетот на наставата и на Универзитетот е токму тоа: следење на иновациите и модернизирање на наставата, и тоа за мене е мотив повеќе да наоѓам начини да им понудам на студентите еден поинтересен и поиновативен и помодерен начин на студирање.
Благодарение на академската програма DataFromSky, студентите и наставниот кадар ќе имаат пристап до целосно автоматизирана анализа на сообраќајите податоци, каква што користат и најпрестижните универзитети и факултети и можам да кажам и инженерски компании во светот, со една единствена цел и студентите и наставниот кадар да добијат еден посовремен и помодерен начин на студирање и напредување во кариерата. Во врска со членството на DataFromSky, сакам да истакнам дека сè уште сме на почетокот од соработката. Имено, Меморандумот за соработка беше потпишан на 12 јануари 2020 година, го добивме и сертификатот дека УКЛО е дел од Академската програма, а она што јас би сакала да се случи во иднина е не само на Техничкиот факултет каде што јас имам предмети на прв и на втор циклус студии, туку програмата да може да се прошири и да се користи и на другите единици на УКЛО, за што е потребно запознавање на наставниот кадар со можностите што ги нуди Програмата и потребата од заедничка работа.
Покрај официјалниот Сертификат и официјалното членство, УКЛО се вбројува во ова престижно семејство од познати универзитети од Романија, Германија, Словенија, Италија, Португалија, Чешка, САД и Канада. На тој начин, со кооптирањето меѓу „угледните“ универзитети и институти, нашите можности подразбираат и поголема репутација, повисок рејтинг на УКЛО и воедно поголема препознатливост. Исто така, другите членки од ДФС ќе помогнат за наша промоција кај другите универзитети, тоа се дополнителни вредности да имаме пристап до нивните податоци, да оствариме поголема можност за соработка со академскиот кадар, соработка на проекти и слично. Покрај овие придобивки како членови од платформата, треба да се истакне дека произлегуваат и одредени обврски. Меѓу нив првенствена е работата со вклучување на академската програмата во наставата, и не само на предметите што јас ги предавам, туку секој професор што е заинтересиран може да ја вклучи програмата во своите предавања, особено во дипломските трудови кај првиот циклус и во магистерските трудови на вториот циклус студии. Исто така, имаме обврска да публикуваме два труда во текот на овие два семестри, летниот и зимскиот. Сертификатот го имаме една година, до февруари наредната година, потоа верувам дека ќе го обновиме, а оваа академска програма ќе ја имаме и на трајно користење.
ERASMUS + teacher, Факултет за транспорт, Полска
На крајот, би сакала да се осврнам и кон практичните придобивки и користа за студентите. Како што е познато, сообраќајните проблеми се решаваат со прибирање податоци. Не можете да предложите мерка за решавање на каков било сообраќаен проблем доколку не користите податоци од терен. Со оваа програма ќе можеме традиционалниот пристап за прибирање податоци од терен или рачно броење на возила да го замениме со нов пристап или примена на вештачка интелигенција - ВИ. Тоа е мојот план за оние предмети во кои јас ќе ја вклучам програмата, а тоа се предмети од областите сообраќајно инженерство и проектирање, сообраќајно проектирање на патна инфраструктура и урбана логистика. Со помош на оваа програма може да се излезе на терен, да се изврши снимање во краток временски интервал, се враќаме во лабораторија, видеото го внесуваме во софтверот и анализата ќе ни понуди голема палета излезни резултати. Дел од податоците што може да се добијат се поврзани со загадувањето, еден од основните проблеми во градовите и затоа верувам дека сите единици на УКЛО ќе може да се вклучат во програмата и секој од својот специфичен и препознатлив аспект ќе може да ги користи податоците и да помогне во напорите за одржливост, подобрување на состојбата во урбанистичкото планирање, пред сè урбаната мобилност и сообраќајот, чие соодветно решавање значи надминување и на други горливи проблеми, меѓу кои и загадувањето.
(Комерцијална објава)