Професорот од Факултетот за безбедност – Скопје, Никола Дујовски, академски кадар на УКЛО, одликуван е за Doctor Honoris Causa од Универзитетот за безбедност „Апеирон“ од Краков, Полска. Одликувањето симболично му е доделено на 7 мај, Денот на македонската полиција. Високото признание претставува потврда за повеќедецениската посветеност на професорот Дујовски во областа на безбедносните науки, академската дејност, научноистражувачката работа и развојот на високото образование. Меѓународното академското одликување е повод за разговор со професорот Никола Дујовски.
Што за Вас значи признанието Doctor Honoris Causa и колку е симболично што го добивте токму на Денот на македонската полиција?
Универзитетот за безбедност Апеирон од Краков, Полска, ми го додели високото меѓународно академско признание Doctor Honoris Causa. Ваквото признание претставува едно од највисоките признанија во областа на науката и се доделува на професионалци кои оставиле силен белег во развојот на науката во соодветната област.
Активностите кои повеќе од една деценија ги реализираме заедно со многу истакнати професори во областа на безбедноста од целиот свет, а обединети во најпрестижниот Институт за национална и меѓународна безбедност (ИНИС, повеќе за институтот на Institute for National and International Security – One of the leading and fastest growing scientific academic institutions in the field of Security Science in Europe), доведоа до силна поврзаност на истражувачите во областа на безбедноста (повеќе од 120 члена од сите континенти). Нашите заеднички активности се вистински креатор на промени во науката за безбедноста и претставуваат темел на многу безбедносни конференции, форуми, објавени трудови, ставови, предлози, но и на едно од најцитираните списанија во областа за безбедноста. На иницијатива на проф. д-р Дарко Трифуновиќ, директор на Институтот за национална и меѓународна безбедност од Белград, Србија, а како резултат на значајниот придонес за развојот на науката за безбедноста, на ИНИС, на Универзитетот Апеирон и на безбедносниот форум во Краков, Универзитетот спроведе постапка и ме прогласи за Doctor Honoris Causa.
Симболиката на настанот е уште поголема поради фактот што свеченоста за доделување на признанието се одржа во рамките на 22. Форум за безбедност во Краков, и тоа на 7 мај, Денот на македонската полиција. Ова за мене претставува дополнителна радост, особено имајќи предвид дека токму во полицијата ги поминав најубавите години во мојот работен век и секогаш со гордост истакнувам, особено пред помладите колеги и студентите, дека нема поубава професија од професијата полициски службеник и нема повозвишено чувство од грижата за безбедноста на граѓаните, за мирот, за стабилноста, за владеењето на правото и праведното општество.
Доделувањето на признанието за мене лично има уште поголемо значење затоа што доаѓа во време кога заокружувам три децении активна и посветена работа во областа на безбедноста. Овие „случајности“ го прават целиот настан уште позначаен за мене и со уште поголемо чувство на благодарност и восхит го споделувам со студентите, колегите, соработниците и јавноста.
Кои моменти и предизвици најмногу ја обликуваа Вашата професионална и академска кариера во безбедносниот сектор?
Професионалната кариера во полицијата ја започнав со едвај навршени 18 години (по завршувањето на Средното полициско училиште), уште во далечната 1996 година. Во МВР поминав 12 прекрасни години, на повеќе работни и раководни места почнувајќи како основен полициски службеник, а завршувајќи како заменик-директор во Секторот за континуирано образование (поранешното Средно полициско училиште) во тогашната Полициска академија.
Во 2008 година од тогашната Полициска академија преминав на работа во Факултетот за безбедност во Скопје, единица на нашиот заеднички дом Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола. Тука ги поминав сите наставно-научни и соработнички звања од помлад асистент до редовен професор. Но тоа што остави силен белег во моето тридецениско работење е постојаните и непрекинати контакти со полицијата и МВР, како и долгогодишното искуство на раководни позиции во Факултетот за безбедност, каде што имав чест да бидам декан во два мандати и продекан за настава, а денес од позиција на раководител на Катедрата за полициски науки, давам свој придонес за развојот на науката за полицијата и на полициската практика во современото опкружување.
Како го оценувате развојот и трансформацијата на високото образование во областа на безбедноста во услови на современи глобални и технолошки промени?
Развојот и трансформацијата на високото образование во областа на безбедноста може да се оцени како динамичен, неопходен и структурно длабок процес, кој е директно условен од современите глобални и технолошки промени. Овој процес носи и значајни придобивки, но и предизвици. Постои сериозна разлика во условите од пред неколку децении и денес, а времето пред нас ќе покаже дека развојот на современото општество ќе биде силно поврзан со способноста да ги имплементираме и развиваме дигиталните технолошки алатки и да ги користиме во секојдневното живеење. Образованието ќе ја има водечката улога да ги подготви професионалците на „новото време“ за предизвиците кои несомнено ќе бидат поголеми од кога било претходно. Универзитетите треба навреме да се приспособат и да ги променат моделите на пренесување на знаењето, во отворени високообразовни институции кои го креираат општеството.
Образованието во областа на безбедноста веќе минува низ сериозна трансформација. Особено во време на сериозни предизвици по безбедноста, веќе се гледаат резултатите на креирање политики за одговор на новите софистицирани видови криминал, на процена на односите во меѓународната политика и глобалните безбедносни актери, но и на регионалните, традиционалните и хибридните закани и предизвици. Сѐ почестите контакти, заеднички проекти, меѓународни форуми и отворени дискусии во областа на безбедноста овозможуваат развој и креирање политики кои може да придонесат за регионалната и глобалната безбедност и стабилност.
Во таков свет, студентите имаат можност да се запознаат со практиките кои се спроведуваат насекаде во Европа и да ги остварат своите интереси на знаење и вештини преку размена на искуства со свои колеги и професори од многу универзитети во земјата и во странство.
Колку меѓународната соработка и научната поврзаност се важни за развојот на безбедносните науки и на македонската академска заедница?
Меѓународната соработка и научната поврзаност се критично важни, речиси незаменливи фактори за развојот на безбедносните науки воопшто, а особено за македонската академска заедница како помал и отворен образовно-истражувачки систем. Нивната улога може да се оцени како стратешка, трансформативна и мултидимензионална. Во услови на глобални и технолошки закани, ниту една држава, па ни академска заедница, не може да функционира изолирано. Меѓународната соработка овозможува размена на знаења, учество во заеднички проекти и усогласување со европските и светските стандарди. За Македонија, тоа значи посилен научен капацитет, поголема видливост и создавање кадри кои се конкурентни и на домашно и на меѓународно ниво.
Иако меѓународната соработка носи многубројни придобивки, како пристап до знаење и проекти, важно е да се задржи и фокусот на домашните безбедносни специфики. Успешниот развој на македонската академска заедница зависи од балансот меѓу глобалната интеграција и локалната релевантност.
Академски кадар сте од УКЛО, од Факултетот за безбедност - Скопје, институции што несомнено покрај личната посветеност, работа и научен влог придонеле во Вашиот професионален развој?
Секогаш со гордост ја истакнувам мојата припадност на УКЛО и на Факултетот за безбедност. Впрочем, тоа се институциите каде што јас успеав да ги реализирам моите професионални цели – да се изградам како научен работник во областа на безбедноста, но и да ги остварам моите идеи за институционален развој и подобрување на условите за работа и студирање. Впрочем, поминатите мандати на раководни позиции во Факултетот за безбедност, како и членувањето во органите и телата на УКЛО ми овозможија да запознаам многу прекрасни професионалци и научни работници од целиот универзитет, но и во општеството. Таквата привилегија несомнено остава силен белег на личноста на секој професор и на неговиот професионален развој.
Во изминатите години реализиравме многубројни заеднички проекти и силно верувам дека придонесовме УКЛО да се етаблира како препознатлив и посакуван универзитет и за студирање, и за работа, и за соработка во широката меѓународна образовна заедница.
Колку современите европски академски иницијативи и соработки, како алијансата КОЛОРС, придонесуваат за развојот на безбедносните науки, меѓународната научна поврзаност и за позиционирањето на македонското високо образование во поширокиот европски академски простор?
Современите европски академски иницијативи, како што е алијансата КОЛОРС, каде што нашиот универзитет е активен член и прв македонски универзитет кој се вклучи во толку широка алијанса, имаат суштинска улога за трансформацијата на високото образование, особено во области како безбедносните науки, кои по својата природа се интернационални и динамични.
Пред сè, КОЛОРС придонесува за унапредување на научниот квалитет преку споделување знаења, методологии и истражувачки практики меѓу универзитетите. Во контекст на безбедносните науки, тоа е особено важно бидејќи современите закани – од сајбер-безбедност до хибридни ризици – бараат мултидисциплинарен и транснационален пристап.
Втората значајна димензија е зајакнувањето на меѓународната научна поврзаност. Преку овие иницијативи се создаваат стабилни академски мрежи, се овозможува мобилност на студенти и академски кадар и се поттикнува заедничко учество во истражувачки проекти. Тоа директно влијае врз видливоста и релевантноста на научната работа од помали академски системи, каков што е македонскиот.
Дополнително, алијансите како КОЛОРС имаат значајна улога во позиционирањето на македонското високо образование во европскиот академски простор. Тие овозможуваат усогласување со европските образовни стандарди, развој на заеднички студиски програми и зголемување на конкурентноста на дипломите.
Секако, значајно е оваа интеграција да се води стратешки, со зачувување на националните приоритети и специфики. Но генерално, ваквите иницијативи претставуваат силен двигател на модернизацијата, интернационализацијата и научниот развој, и тие во суштина го отвораат македонското високо образование кон Европа не само формално, туку и суштински.
Каква порака би им упатиле на младите што сакаат да градат кариера во безбедноста и науката?
На младите би им порачал, пред сè, да бидат љубопитни, упорни и отворени кон светот. Ова е област која постојано се менува и бара доживотно учење – од класични безбедносни концепти до најсовремени технологии како сајбер-безбедноста и вештачката интелигенција.
Многу е важно да инвестираат во критичко размислување, етички принципи и интердисциплинарни знаења. Безбедноста денес не е само прашање на политика или сила, туку и на податоци, право, психологија и технологија. Исто така, би ги охрабрил активно да бараат можности за меѓународна соработка – студирање, размена, проекти – бидејќи токму тие искуства го прошируваат видикот и создаваат професионалци кои можат да дејствуваат глобално.
На крајот, најважно е да веруваат дека и од мала академска средина може да се постигне многу. Со знаење, интегритет и посветеност, тие можат да придонесат не само за сопствената кариера, туку и за безбедноста и развојот на општеството во целина. На таков начин ќе бидат забележани и дома и во светот, а успехот е неизбежен. Само со отворен ум и подготвеност за промени можеме да го менуваме македонското општество.
По добивање на високото меѓународно признание, кои се Вашите следни професионални и академски приоритети?
Високото меѓународно признание Doctor Honoris Causa на Универзитетот Апеирон во Краков го доживувам, пред сè, како обврска, а не само како личен успех. Тоа претставува поттик за понатамошна научна и академска работа со уште поголема посветеност и одговорност. Моите следни приоритети ќе опфатат продолжување и продлабочување на научноистражувачката работа, особено во области кои се од стратешко значење за современата безбедност и за безбедносните студии. Силен фокус ќе ставам на развојот на младите кадри – менторирање на студенти и млади истражувачи, нивно вклучување во меѓународни проекти и мотивирање да размислуваат критички и глобално. Сметам дека вистинскиот успех се мери преку генерациите што доаѓаат.
Секако, ќе продолжам активно да работам на јакнење на меѓународната соработка и позиционирање на македонското високо образование во европскиот академски простор, област на која и досега посветив многу години на интензивна соработка и креирање заеднички одговор на предизвиците со кои се соочуваме. И конечно, една од моите приоритетни цели останува поврзувањето на науката со практиката – придонес кон креирање политики базирани на знаење и јакнење на институционалните капацитети во областа на безбедноста. Во таа насока, особено внимание ќе посветам на продлабочување на односите со македонската полиција, а и многу наскоро очекувам да ги завршам новите изданија на учебниците кои обработуваат теми од секојдневната полициска работа како Полициска етика, Раководење во полицијата и други.
Верувам дека ова признание е големо лично достигнување, но неговата вистинската вредност е во тоа како ќе го искористиме како платформа за понатамошен развој и придонес кон УКЛО, Факултетот за безбедност, нашата академска заедница и македонското општеството во целина.
(Комерцијална објава)