Голем дел од светот денеска го прославува Денот на вљубените. Некој ќе го одбележи со прегратка, а некој со подарок или романтична вечера. Обичаите поврзани со овој празник се разликуваат во многу делови од светот.
Бразил
Во Бразил Денот на вљубените не се празнува на 14 февруари. Бразилците го прославуваат Денот на љубовта на 12 јуни, односно ден пред Свети Антониј. Се верува дека овој светец ги благословува младите двојки со успешен брак. Најголемата причина зошто овој ден не се празнува на 14 февруари во Бразил е бидејќи тој е среде карневалската недела.
Франција
Вообичаено е за Денот на вљубените да се подаруваат картички, а според интернет-страницата за патување „Лост ин Франс“, овој обичај можеби се појавил во Франција во 15 век. Првата картичка за Денот на вљубените била испратена од страна на францускиот војвода од Орлеан, кој ѝ испраќал писма и песни на својата сопруга во Франција кога бил заробен во Лондон во 1415 година.
Во Франција порано имало и обичај за луѓето што не се во врска. Луѓето влегувале во куќи што биле свртени во спротивни насоки и извикувале од прозорците додека не се споеле со некој од друга куќа.
Филипини
Последниве години на Филипини се популарни групните венчавки на Денот на вљубените. Многу млади што не може да платат за венчавка се одлучуваат да бидат дел од обичајот. Во 2016 година се венчале 350 двојки. Државата платила 14.482 фунти за оваа церемонија.
Фото: Pixabay
Кина
Во Кина се одржува таканаречениот фестивал Чиши, кој се смета за кинеска верзија на западниот празник Денот на вљубените. Фестивалот оваа година ќе се одржи на 25 август, на седмиот ден од седмиот месец во кинескиот календар. Луѓето го прославуваат овој ден подарувајќи си цвеќе, чоколадо и други подароци. Сепак, Денот на вљубените станува попопуларен кај помладите генерации отколку фестивалот.
Финска
Во Финска на 14 февруари луѓето го прославуваат Денот на пријателите. Целта на овој празник е да се празнува пријателството. Овој ден официјално станува дел од финските календари во средината на 90-тите години, а неофицијално се слави од 80-тите.
Јапонија
Во Јапонија традиција е жените да им купуваат подароци, најчесто чоколадо, на мажите на Денот на вљубените. Улогите се менуваат еден месец подоцна, на 14 март, кога мажите им купуваат подароци на жените. Овој ден е познат како „Бел ден“. Освен тоа, на 14 февруари во Јапонија, освен на своите партнери, жените им даваат подароци и на најблиските.
Колумбија
Колумбија го прославува Денот на вљубените на третата сабота во септември. Во другите латиноамерикански земји, вклучувајќи ги Мексико, Порторико и Костарика, овој ден се празнува на 14 февруари. Во Колумбија празникот не се однесува само на вљубените, туку и на пријателите. Државата одлучила во 1969 година да го помести празникот од февруари во септември за да ја одбегне училишната година.
Јужна Кореја
Слично како и Јапонија, во Јужна Кореја обичај е на Денот на вљубените жените да им подаруваат чоколадо на мажите, а мажите да го прават истото еден месец подоцна. Но Јужна Кореја го празнува и Денот на самците на 14 април, кој се нарекува и „црн ден“. Оние што не се во врска и не добиле подарок на 14 февруари и на 14 март се среќаваат со други што не се во врска за да јадат темни нудли.
Извор:
independent.co.uk