X
 15.04.2021 Живот

Објавена најнова ранг-листа со најмоќни пасоши во светот. На кое место е Македонија?

Во тек е вакцинација против коронавирусот во многу земји низ светот, па луѓето веќе размислуваат и за патувања. Според последниот индекс на моќност на пасоши на „Хенли енд партнерс“, Јапонците може најмногу да патуваат по пандемијата, се вели во соопштение од фирмата.

Резултатите од индексот покажуваат дека во моментов Јапонија го има најмоќниот пасош во светот бидејќи жителите на оваа земја може да одат на 193 дестинации без виза. Сингапур е на второто место со 192 земји, додека Германија и Јужна Кореја го делат третото место со по 191 земја.

Како и досега, поголемиот дел од државите што се помеѓу првите 10 држави со најмоќни пасоши се членки на Европската Унија. Велика Британија и САД се наоѓаат на седмото место, а нивните жители може да патуваат без виза во 187 земји.


Фото: Pixabay

Од „Хенли енд партнерс“ велат дека разликите во слободата на патување се најголеми од 2006 г., кога започнало мерењето на индексот. Жителите на Јапонија може да патуваат без виза во 167 дестинации повеќе отколку граѓаните на Авганистан, кои може да одат во само 26 држави без виза.

Кина се искачила 22 места на ранг-листата од 2011 г. и сега се наоѓа на 68. место со 77 држави. Обединетите Арапски Емирати, чии жители во 2011 г. можеле да одат во 67 држави без виза, денес тоа може да го сторат во дури 174 држави.

Македонија се наоѓа на 43. место на листата со пристап до 126 дестинации без виза. Тоа е искачување за едно место во споредба со претходниот квартал. На највисока позиција земјата се наоѓала во 2014 г. кога била на 36. место на листата, а на најниска во 2008 г. - на 55. место.

Извор: Henley & Partners
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот