X
 14.02.2020 Живот

Зошто повеќето од најстарите компании во светот се наоѓаат во Јапонија?

Јапонија постојано се менува: почнувајќи од демографијата на општеството, преку растечкиот број на туристи, до повеќе роботи за полесен и подобар живот. Оваа земја по многу работи е посебна, а на листата со специфичности може да се додаде и овој неверојатен податок: најстарите светски компании се наоѓаат токму во Јапонија и траат повеќе од еден век.

Најстарата куќа за чај „Цуен ти“ се наоѓа во јапонскиот град Уџи. Куќата била основана во 1160 година. Се наоѓа на уличен агол, со прекрасен поглед кон река и мост. Со неа управува 38-годишниот Јусуке Цуен.

- Главно се фокусираме на чајот и не го имаме проширено бизнисот премногу. Затоа опстојуваме - вели тој.

Опстанокот на оваа куќа за чај не е толку големо изненадување за светот, со оглед на тоа што се потпира на 900 години долга традиција, стана атракција и е единствена. Но изненадувачки е што оваа куќа не е единствена.

Во 2008 година Централната банка на Јужна Кореја објавила податок дека од 5.586 светски компании (од 41 земја) стари над 200 години дури 56 отсто се наоѓаат во Јапонија. Во 2019 година повеќе од 33.000 компании стари над 100 години го нашле својот дом токму во Јапонија, а меѓу другите е и најстариот хотел во светот, отворен уште од 705 година во Јаманаши. Гигантот „Такенака“ од Осака бил основан во 1610 година, а глобалните брендови како „Сантори“ и „Нинтендо“ влечат корени од 19 век.

Која е тајната на Јапонија кога станува збор за создавањето вакви долготрајни бизниси? И во глобална ера дефинирана од стартап-компании што ги поместуваат границите со светлосна брзина, дали тие имаат нешто што би можеле да нè научат?

Јошимори Хара, професор од Факултетот за менаџмент, вели дека овие компании на јапонски се нарекуваат „шинисе“, што буквално значи „стара продавница“.

1

Хара, кој работел во Силициумската долина една деценија, вели дека акцентот на јапонските компании е ставен на одржливоста, а не на брзото максимирање на профитот. Токму ова е причината зошто толкав број бизниси функционираат со години.

- Во Јапонија е поважно како да им ја пренесеме компанијата на нашите потомци, нашите деца, нашите внуци - објаснува тој.

Во „Цуен Ти“, Цуен вели дека голем дел од неговите пријатели од детството во Кјото исто така ги презеле бизнисите од семејството. 

- Јас водам нешто што го создале моите предци. Ако не го преземев, наследството ќе завршеше. Кога сте мали, на пример, во градинка или основно училиште, ве прашуваат за вашиот сон во иднина. За мене тоа беше преземањето на бизнисот и тоа дојде како природно - објаснува тој.

За разлика од американските, јапонските градови се стари многу векови, па можеби и не е чудно што толку компании имаат долга историја. Но, Инан Сасаки, асистент на Факултетот за бизнис, кој пишувал токму на оваа тема, вели дека причините се уште поспецифични.

- Можеме да кажеме дека долговечноста на јапонските компании е поврзана со долгорочна ориентација: станува збор за култура што ја почитува својата традиција и своите предци, а од друга страна затоа што е остров - Јапонија немала многу интеракции со другите држави, повеќе била изолирана - вели Сасаки.

Голем дел од старите средни или помали компании ги водат цели семејства и сите се насочени кон угостителството. Некои компании дури имале корист од широко прифатената јапонска шема за посвојување на возрасните машки работници, во редовите на своето семејство, за да обезбедат непрекината низа во работата на компанијата.

Пример за тоа се и големите компании „Сузуки моторс“ и „Панасоник“.

2

Во Кјото се наоѓа уште една стара компанија колку „Цуен Ти“, но многу поголема: компанијата „Нинтендо“. Позната е низ целиот свет по начинот на кој ја промени забавата дома со својот електронски гејминг-систем во 1985 година. Но, многу луѓе не знаат дека пред светскиот комерцијален успех оваа компанија била насочена на правење карти за јапонската игра „Ханафуда“.

Хара вели дека „Нинтендо“ е одличен пример за компанија што се држи до она што го нарекува „основна надлежност“. Станува збор за основен концепт зад она што компанијата го прави, што ѝ помага да преживее - дури и ако технологијата или светот наоколу се менуваат.

Тој наведува и дека компаниите што се занимаваат со производство на кимоно имаат проблем бидејќи сè помалку Јапонки носат традиционална носија. Но, долговечната фирма „Хосоо“ од 1688 година смислила начин да одговори на новите трендови: облеката ја прави од јаглеродни влакна во 3Д-верзија.

Но, оваа приказна доаѓа со одредени последици. Јапонското општество не е наклонето кон стартап-сцената.

- Да се биде во стартап-сцената во однос на социјалното прифаќање е предизвик, бидејќи овој свет не е толку признат како „шинисе“ компаниите. Имам проблем да им објаснам на моите родители и пријатели што работам и каде работам - вели Мари Мацузаки. Таа работи во „Кју“, технолошки-образовен стартап што се користи за управување на „Слаш“, компанија насочена кон студентите.

Извор: ВВС
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот