Според теолозите, и двајцата светители се дел од христијанството, еднакво признаени и кај православните и кај католиците, но секој од нив изградил одреден култ кај одредената црква
Секоја година на 14 февруари во јавноста се отвора истата дилема, кој празник да се слави, Свети Трифун или Свети Валентин? Кој од светците е наш, а кој е туѓ, наметнат? Таа медиумско-општествена дебата теолозите ја оценуваат како војна во која на удар се и двајцата светци.
Кои биле всушност свети Валентин и свети Трифун?
Свети Трифун е празник што е дел од православната традиција и се празнува според календарот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а во Македонија светецот се слави како заштитник на лозарите.
Од друга страна, пак, Свети Валентин се слави повеќе во католичките земји, но во последните две децении кај нас масовно се одбележува меѓу младите како Ден на вљубените.
Многупати се поставува некаква поделба дека православните треба да го слават само Свети Трифун, а католиците само Свети Валентин.
Според теолозите, и двајцата светци се дел од христијанството, еднакво признаени и кај православните и кај католиците, но секој од нив изградил одреден култ кај одредената црква. Сепак, истакнуваат дека православната црква ги празнува и двајцата маченици, но на различни датуми. Свети Валентин го слави не на 14 февруари, туку на 19 јули и на 12 август.
Им помагале на сите, а биле мачени за верата
Професорот Ратомир Грозданоски, теолог од Православниот богословски факултет во Скопје, на својот веб-портал пишува дека свети Трифун и свети Валентин биле многу далечни, едниот од Запад, а другиот од Исток, но дека не биле далечни како исток и запад, туку биле едно и заедно во Господа Исуса Христа, за кого и умреле, со иста вера - христијанска.
- И двајцата светители се маченици за верата христијанска. Тие се свети мажи кои си го дале животот за верата. Биле мачени и убиени заради Христа. Пострадале во времето кога христијанството било гонето и кога христијаните биле убивани, само ако јавно говореле дека се христијани и ако други учеле во верата - посочува тој во текстот „Православната црква ги слави и св. Трифун и св. Валентин“.
Вели дека и свети Трифун и свети Валентин живееле во третиот век и правеле многу добрини и чуда, помагајќи им на луѓето, пожртвувано до смрт.
- Дале сè што имале и себеси се дале за да им направат добро на другите, водени само од љубов кон луѓето и кон Бога. И двајцата, добротвори, чудотворци и маченици. Свети Трифун бил убиен во 250 година, а свети Валентин во 273 година, 23 години подоцна. И на двајцата им била отсечена главата со меч, по наредба од царот - објаснува професорот Грозданоски.
Од сиромашен гускар до светец
Свети Трифун бил од едно селце во Мала Азија, во областа Фригија, од селото Кампсада. Родителите му биле многу сиромашни и уште од мал му дале да ги пасе гуските во селото. Пораснал како беден гускар и како младич им служел на селаните и им помагал на сите. Верувањето вели дека затоа Господ го наградил за неговата добрина и му дал дар на чудотворство, да лекува болни и да ги заштитува лозјата, овоштарниците, градините, посевите и нивите. Ја излекувал дури и ќерката на царот. За тоа царот богато го наградил, а Трифун сето богатство го раздал на сиромасите, продолжувајќи да живее сиромашно, во пост и во молитва и да им прави добро на луѓето. Сиромавиот гускар брзо станал царски човек и богат човек, но тоа не го гордеело и повторно се вратил кај гуските и кај луѓето на кои им требала неговата помош.
Потоа дошол друг цар на престолот, кој чул дека Трифун проповеда христијанство и му ја отсекол главата. И кога го мачеле, го славел Бога. Главата му била отсечена на 14 февруари. Затоа се празнува на овој ден.
Свештеник кој и на суд ја бранел верата
Во истото време кога живеел свети Трифун во Азија, на исток, во Италија, на запад, живеел свети Валентин, во градот Интерамни, а потоа и во Рим, како затвореник, каде што бил и погубен. И тој, како и свети Трифун, уште од младоста бил многу добар и истакнат христијанин, па религијата вели дека Бог го избрал да стане и свештеник и проповедник на верата. Пастирствувал како добар пастир, му служител на Бога и на народот без страв. Не само тајно, туку и јавно, пред сите говорел за верата. Го викнале на суд во Рим, а тој и таму го правел истото. Царот наредил да биде измачуван и убиен. Се упокоил на 12 август и црквата го определила тој датум за негов празник.
Како Свети Валентин станал Ден на вљубените?
Сепак, Грозданоски посочува како Свети Валентин сега се одбележува како празник на љубовта.
- Црквата во Рим, во 10 и 11 век имала мака со големите прослави на многубожечкиот празник на блудот, поврзан со римската митологија и со легендата за волчицата што ги хранела Ромул и Рем. Со цел да се потиснат и да се исфрлат тие неморални прослави, Црквата го преместила празникот на свети Валентин, точно на датумот на тој многубожечки празник на блудот. Оттогаш Свети Валентин бил многу почитуван и славен, па луѓето го потиснале и го заборавиле многубожечкото празнување на блудот и развратот. Веќе не се говорело за таа „љубов“, туку за љубовта кон луѓето и кон Бога која спасува. Се постигнало исфрлање на тој срам и тоа зло - посочува теологот.
Но, пет века подоцна, вели Грозданоски, повторно се враќаат старите многубожечки идеи за празнувањата како ден на љубовта, ден на вљубените, подарувања, блудствувања итн.
Д-р Ратомир Грозданоски / Фото: Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“
- Кога овие нехристијански начини на празнување достигнуваат до бесмисленост во дваесеттиот век, католичката црква во 1969 година го избришала свети Валентин од календарот и веќе го нема на 12 февруари како празник, за да не се валка христијанскиот лик на светителот и затоа што нема доволно точни податоци за него од третиот век. Сите поинакви празнувања кои денес светот ги прави на овој ден немаат никаква врска со Црквата и со светителот, па тие се нецрковни и се од типот на Осми март, Денот на жената и сл. Нив, како празници, ги нема во ниеден календар. Прочитајте и видете: каде пишува празник – Ден на љубовта или Ден на жените. Нема, и не треба да има, бидејќи да се љуби со вистинска љубов треба постојано и треба непрестајно да се сака својата мајка и жена. Сè што е поинаку од тоа е недостоинствено, формално, лицемерно, лажно и навредливо. А, што утре… и задутре? Таа формалност и измама, која во поново време, добива уште повеќе нагласеност и помешаност со сè и сешто, со секаков декор и секакви идеи, не е христијанска, не е црковна и не е поврзана со светителот и со црковното празнување - објаснува Грозданоски.