Натали Корбет, која поминала пет месеци во Порт Локрој, првата база на Велика Британија на Антарктикот, вели дека тоа било неверојатно искуство.
Таа беше меѓу четворицата избрани од 4.000 кандидати што се пријавија да живеат во колибата, која нема тоалет и интернет.
Времето таму го поминала водејќи продавница за подароци, пречекувајќи 18.000 посетители на островот и броејќи го дивиот свет.
Порт Локрој бил основан на островот Гудие во 1944 година како дел од тајната мисија во Втората светска војна за да се обезбеди постојано британско присуство на Антарктикот.
Фондот „Антарктик Херитеџ“ го презеде местото во 2006 година и секоја година избира нов тим на луѓе, кои треба да ги водат поштата, продавницата, музејот и да ја следат и бројат колонијата на пингвините што живеат таму.
Корбет патувала 14.484 километри од малото британско село Хил Брау во ноември 2022 година, оставајќи го својот сопруг за да доживее искуство што може да се случи еднаш во животот.
Фото: UKAHT
Во текот на престојот таа немала интернет и вели дека тоа ѝ овозможило повеќе да го цени светот околу неа.
Поголемиот дел од деновите ги поминувала пречекувајќи ги патниците на островот и следејќи ги пингвините, но вели дека ѝ било тешко да ги изброи, па честопати ги броела истите двапати.
- Буквално сте таму со бележник и молив и само ги броите пингвините - вели таа.
Корбет живеела со членовите на тимот, Клер Балентајн, Маири Хилтон, Лус Брузон и координаторката на теренските операции Вики Инглис, која ги посетувала за да им помогне на истражувачите да се навикнат на условите.
Фото: UKAHT
Секој тим што ќе живее таму мора да помине двонеделна обука за да биде способен да се справи со живеењето во такво изолирано место.
Островот е голем колку фудбалско игралиште, а тимовите учат да се справуваат со температури под нулата и речиси континуирана дневна светлина. Обуката вклучува и часови од „пингвинолог“.
Оваа сезона островот е населен од уште еден тим кој го презеде одржувањето.
Извор:
BBC
Фото: UKAHT