X
 24.02.2018 Живот

Тајниот живот на анестезиолозите: ако хирурзите се крвта, ние сме мозокот

anestezija
Фото: Michael Driver

За време на операцијата твојот живот е во наши раце. Но и покрај чувствителната улога што ја играме, ние сме невидливи за нашите пациенти.

Ако се одлучите за професијата анестезиолог, треба да се навикнете дека ќе бидете невидливи. Голем дел од пациентите не знаат дека сме медицински квалификувани. Всушност, обуката на анестезиологот е исто долга колку и на хирургот.

Пациентите секогаш се сеќаваат на името на нивниот хирург, но никогаш на нивниот анестезиолог. И покрај тоа, голем дел од нас, анестезиолозите, сметаат дека ова е благородна работа. Ние сме насекаде низ болницата. Во интензивна нега, во одделенијата, во ургентна. Ние ја проценуваме состојбата на луѓето што се подготвуваат за операција, проценуваме колкава е веројатноста да страдаат од компликации и ги следиме и ги поддржуваме низ самата операција и во постоперативниот период.

Кога првпат ќе започнете со анестезирање на пациентите на почетокот од вашата кариера, изгледа застрашувачки. Знаете дека ако згрешите, можете да убиете некого. Нашите лекови го запираат дишењето на пациентите, а наша задача е да ја преземеме оваа функција. Дури и по девет години, во некои ситуации сѐ уште сум нервозен. Сепак, тоа го кријам, важен дел од работата е да останеш смирен. Ако постои некаква вонредна состојба за време на операцијата, тимот го гледа анестезиологот како лидер, бидејќи хирургот често е премногу фокусиран на решавање на непосредниот проблем. Ако паничите, паниката се шири и тимот ја губи способноста да функционира ефикасно.

Анестезијата е специјалност ориентирана кон безбедноста; ние го водиме патот за намалување на штетата на пациентот, гледајќи ги човечките фактори, користејќи симулациски тренинг и известување за потенцијалните промашувања. Со споделување приказни во кои пациентите за малку ќе биле повредени, се надеваме дека ќе ги решиме причините и ќе ја спречиме вистинската штета.

Се грижам за еден пациент. Со тоа можам да понудам највисок степен на грижа, и е една од причините што станав анестезиолог на прво место. На одделенијата секој доктор е одговорен за 30 луѓе на ден, а дури и повеќе во текот на ноќта. За разлика од докторите, кои ги проверуваат пациентите еднаш на секои четири часа, јас можам да го видам секое отчукување на срцето на пациентот.

Нашите последипломски испити се познати по тоа дека се незгодни, но тие се вистински тест на посветеност. Ние сме експерти за физиологија, фармакологија и физика; ние треба да знаеме сè - од дишењето, како работат лековите до внатрешноста на дефибрилаторот.

Пациентите обично се нервозни кога ќе пристигнат во мојата соба. Тоа е вежба за доверба - го ставате вашиот живот во рацете на другите. Секој анестезиолог има своја игра, лесни разговори со кои му го одвлекува вниманието на пациентот од непосредната операција. Ги прашувам за семејството, зборуваме за неговото/нејзиното омилено место што сака да го посети, што прави во животот. Го менувам мојот разговор „за заспивање“ во зависност од разговорот претходно. Ако пациентот сака да патува, му зборувам за песочни плажи, кристално чисти води. Колку се понервозни, толку подолго време им е потребно да заспијат.

Секој анестезиолог има тајно оружје кога работи во операционата сала. Секогаш работиме со асистент кој би можел да е или медицинска сестра или практикант за оперативниот оддел. Најдобриот од нив може без проблем да ја изврши мојата работа, но тие избираат уште поголема анонимност од онаа во која ужива анестезиологот.

Сум работел со многу колеги со чудно чувство за хумор. На првиот ден од мојата работа му признав на практикантот дека ми е прв ден на работа и дека се плашам. По кратка пауза, тој ми рече дека и нему му е прв ден. Го поминав целиот ден преплашен дека ќе ни се случи некоја катастрофа. Но работата помина одлично, а на крајот од денот тој ми призна - работел веќе 20 години, а така ми рече за да не се чувствувам осамено.

Важно е да имате други интереси за да го одвлечете вниманието од стресот и повремената досада на работното место. Некои мои колеги се сликари, музичари, автори, спортисти.

Најдоброто од мојата работа? Успокојувањето на нервозните пациенти, помошта на бремените жени со епидуралната анелгезија. Велиме дека постои крвно-мозочна бариера помеѓу хирургот и анестезиологот: тие се крвта, а ние сме мозокот.

Анонимен автор, „Гардијан“
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот