X
 14.03.2020 Живот

И Исак Њутн морал да работи од дома за време на пандемија, но мудро го користел времето

Исак Њутн бил во раните 20-ти години кога во Лондон се појавила чума. Тој сè уште не бил „сер“ и не носел голема перика. Бил студент на колеџот „Тринити“ при Универзитетот „Кембриџ“.

Дури 200 години подоцна научниците ги откриле бактериите што ја предизвикувале чумата, но и без да знаат зошто, и тогаш луѓето ги правеле истите работи што денес ги правиме за да избегнеме зараза.

Во 1665 година тоа било верзија на „социјално дистанцирање“ - јавна здравствена алатка што оваа недела ја спроведуваат владите, училиштата и многу бизниси, испраќајќи ги луѓето дома за да го забават ширењето на новиот коронавирус.

„Кембриџ“ ги испратил студентите дома да продолжат да учат. За Њутн, тоа значело дека морал да патува во Вулстроф Менор, семејниот имот кој се наоѓал на 95 километри северозападно од Кембриџ.

И без водењето од неговите професори, Њутн напредувал. Прво, тој продолжил да работи на математичките проблеми што ги почнал во „Кембриџ“.

Следно, експериментирал со неколку призми во неговата спална соба и отишол толку далеку што направил дупка во ролетните за да влегува само мал зрак. Од ова произлегле неговите теории за оптиката.

њутон
Фото: British Library/National Endowment for the Humanities

А надвор во дворот имало јаболкница. Да, токму таа јаболкница. Приказната за тоа како Њутн седел под јаболкницата, го удрило јаболко и одеднаш му дошла идејата за теоријата за гравитацијата и движењето, во голема мера е лажна. Но, според неговиот асистент, Џон Кондуит, постои елемент на вистина.

- Додека тој седел во градината, дошол до идејата дека истата моќ на гравитацијата (што го тера јаболкото од дрвото да падне на земјата) не е ограничена на одредено растојание од земјата, туку мора да се прошири подалеку отколку што обично се мислеше. „Зошто не високо колку Месечината“ - си рече Њутн - раскажал неговиот асистент.

Во Лондон, во периодот од 1665 до 1666 година, од чума умреле четвртина од жителите.

Њутн се вратил во „Кембриџ“ во 1667 година, со теориите в рака. Во рок од две години станал професор.

Извор: The Washington Post
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот