Многу љубовни приказни се раскажуваат деновиве на ваков или сличен начин. Според нашите соговорници, нема ниту логика ниту потреба од пролонгирање на Денот Д. Животот тече и се обидуваме да држиме чекор со новото нормално живеење
Емилија Мицевска-Трајковиќ и Филип Трајковиќ, актерите во Драмскиот театар во Скопје неодамна се регистрираа. Склучија брак во време на пандемија на коронавирусот. Со маски, држење дистанца, во интимно друштво, само со сведоци..., според сите мерки за заштита. Вирусот не им се испречи на патот на љубовта и нивната желба да ја официјализираат. Поради заштита од Ковид-19, свадбите веќе со месеци се забранети, а оваа одлука, како што истакнуваат од Владата, останува во сила. Но тоа не беше причина да ја одложат венчавката ни актерот Жарко Димоски и неговата партнерка Андреа Јосифова.
Ни раскажаа како изгледаа нивните венчавки во време на пандемија.
Ова сепак го правиме за нас двајца
- Стравот што надвладеа со појавата на пандемијата ни укажа дека потешко ќе биде планирањето на иднината. Имавме организирано сè за нашата свадба летово и навистина ни падна тешко што не можевме да ги реализираме желбите и да го споделиме тој преубав чин со сите наши драги луѓе. Она што го извлековме како мудрост од сето ова е дека сепак ова го правиме за нас двајца. Ситуацијата беше и сè уште е непредвидлива и тешко дека нештата наскоро ќе се вратат во нормала - вели Емилија.
Фотографии од албумот на Емилија Мицевска-Трајковиќ и Филип Трајковиќ
Како што вели таа, за нив двајца нема подобро време од сега.
- Одлучивме дека нема да чекаме подобри времиња за презакажување на свадбата затоа што нема подобро време од сега. Си се регистриравме без никакви церемонии. Си имавме ручек само со семејствата и веднаш потоа си отидовме на меден месец. Прославите нека бидат за цел живот. Нашите драги луѓе ни ја дадоа целата поддршка за љубов во време на корона. Да сме живи и здрави, па така цел живот да наздравуваме за сите радости што следуваат - додава Емилија.
Јасно беше каде ни е љубовното гнездо
Актерот во Театар Комедија Жарко Димоски, исто така, неодамна стапи во брак со неговата партнерка Андреа Јосифова. Тие се венчаа во Ровињ. Одлуката била донесена одамна и ништо не ги спречи да ја реализираат.
- Нашата одлука да се венчаме во Ровињ, Хрватска, беше одамна испланирана, матичното таму го закажавме исто така многу порано. Сè помина во најдобар ред, беше како што замисливме, за нас беше како од бајка. Присутни беа најблиските и прославата помина во кругот на семејството - вели Жарко.
Андреа Јосифова и Жарко Димоски
Свадбата претходно била планирана за 12 септември, но морале да ја откажат за напролет и ќе биде во Македонија.
- Го одбравме Ровињ затоа што тоа е градот каде што секоја година поминувам доста време уште од детството и кога мојата сопруга првпат го виде градот, јасно беше дека тоа ќе биде нашето љубовно гнездо. Свадбената фотосесија исто така беше во Ровињ и на околните острови - вели Жарко.
Многу љубовни приказни се раскажуваат деновиве на ваков или сличен начин. Според нашите соговорници, нема ниту логика ниту потреба од пролонгирање на Денот Д. Животот тече и се обидуваме да држиме чекор со новото нормално живеење.
Во сила одлуката за забрана на свадби
Од Влада велат дека останува во сила забраната за свадби.
- Ставот на Комисијата за заразни болести во однос на свадби, веселби, крштавки и слично станува ист. Согласно протоколот за отворање и работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана, во оваа фаза се забранува организирање на прослави, како што се свадби, родендени, крштавки и слично. Значи, во моментов е забрането одржување ваков вид прослави, согласно ставот на Комисијата за заразни болести - велат од Влада.