X
 28.10.2020 Живот

Што се случува кога луѓето во една земја нагло ќе престанат да носат маски?

Додека другите европски земји се бореа со пандемијата пролетта и летото, вирусот едвај ја допре Чешка. Неколку месеци земјата со 10,7 милиони жители беше одличен пример во светот опустошен од пандемијата, а насекаде се среќаваа наслови дека Чесите го победиле Ковид-19.

Но, повеќе не е така.

Во март чешкиот премиер Андреј Бабиш нареди задолжително носење маски надвор од домот. Тоа беше уште пред Светската здравствена организација да почне да советува луѓето да носат маски и прекривки за лице.

Медицинските маски беа резервирани само за здравствените работници, така што луѓето почнаа сами да си шијат маски. Иако Чесите не сакаа да носат маски, ги носеа.

- Како Американец што живее во Прага, бев зачуден кога ја забележав извонредната трансформација на оваа земја, буквално преку ноќ, во најголемиот европски модел на социјална дисциплина во носењето маски направени од дома - пишува Стивен Кашкет од „Ју-ес-еј тудеј“.

Влијателно владино видео кое ја објаснува важноста на „Мојата маска те штити тебе, твојата маска ме штити мене“ беше широко распространето и допре до широките маси. Пораката се слушна гласно и јасно. Кашкет напиша дека во март, април и речиси цел мај само мал процент од луѓето, можеби 10 до 15 отсто, можеле да се видат без прекривки на лицата на улиците во Прага.

maska
Фото: Freepik

Случаите со коронавирус го достигнаа врвот со 408 во средината на март, но кривата беше израмнета, па на 30 јуни земјата не забележа нови смртни случаи од Ковид-19. Како прослава, беше организирана вечера на отворено за 2.000 луѓе без маски и физичко дистанцирање. Чесите прогласија победа и постепено ги ублажија ограничувањата. Маските не беа задолжителни, освен при возење во јавен превоз и во неколку други места.

Во август Бабиш се пофали дека неговата земја е меѓу најдобрите во справувањето со Ковид-19 - зборови што наскоро ќе почнат да го прогонуваат.

Денес има повеќе нови случаи со Ковид-19 на милион луѓе пријавени во Чешка отколку во која било друга голема земја во светот. Беа пријавени рекордни 11.984 нови случаи во вторникот, соборувајќи го претходниот рекорд од 11.104 случаи поставен во петокот. Цитирајќи ги информациите од министерството за здравство, „Ројтерс“ во средата објави дека смртните случаи од Ковид-19 се искачиле од 1.513 на 1.619 во последните 24 часа.

Болниците и одделенијата за интензивна нега се полнат. Министерот за здравство Рома Примула ги повика лекарите што се во странство да се вратат дома и ги замоли медицинските сестри што ја напуштиле професијата да се вратат да помогнат.

Вратен е и законот за задолжително носење маски. Бидејќи бројот на заразени почна да се зголемува во средината на септември, владата нареди повторно да се носат прекривки на лицето на јавни затворени простории. Во понеделникот Примула ја прошири директивата со која се бара универзално носење маски во  која било урбана област, внатре или надвор, и за луѓето во автомобилите. Исклучок е кога луѓето вежбаат на отворено или се наоѓаат надвор каде што може да се одржи растојание од 2 метра. Ослободени од носење маски во автомобил се и членови на едно домаќинство, како и оние што се возат сами. Децата под две години не се обврзани да носат маски.

Важно е да се извлече поука од случајот со Чешка: напредокот на една земја против пандемијата не значи дека треба да се отфрлат мерките на претпазливост.

Извор: Sfgate.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот