На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. И секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот
Празникот Прочка секогаш се паѓа во недела. Не го менува денот, но датумот го менува. Затоа се смета за подвижен празник, односно празник со непостојан датум. Прочка е поврзана со Велигден, па кога ќе се празнува Прочка, зависи од тоа кога ќе се празнува Велигден. Седмата недела по Прочка се слави Велигден.
Зборот „прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштава. За Прочка се смета дека е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.
Прочка го означува почетокот на велигденскиот пост. Таа е потсетник на духовниот карактер на постот. Целта на празникот е со проштавањето, со покајанието и со чиста душа да се започне велигденскиот пост.
Семејна традиција со амкање јајца
Теологот Ратомир Грозданоски, професор на Теолошкиот факултет во Скопје, на својата веб-страница пишува дека македонската традиција за Прочка е богата и разновидна.
- На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот - вели Грозданоски.
За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца.
- Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден - објаснува теологот.
Другите обичаи, пак, се проследени со забави по повод Прочка, кои претставуваат јавен настап и посебни претстави (маски и карневали). Тоа се пагански остатоци од претхристијанското време, со некои нови примеси за забава.
Како да простиме?
Според теологот, простувањето не треба да биде формално, само со обични зборови, само изговорен збор, туку вистинско, кое ќе се случи прво во нас, во срцето и во душата, а потоа и во устата, низ зборовите: „прости ми“ – „простено ти е“.
Простувањето е завршено кога сме преминале од простување во љубов. Тогаш вистински сме простиле или вистински ни простиле. Покајанието и простувањето значи менување на своето мислење и постапување. Кога ќе престанеш да мислиш како што си мислел претходно, кога ќе почнеш да говориш поинаку од претходното и кога ќе го правиш она што требало да го правиш – тогаш си се покајал и си простил.
- Проштавањето е решеност повеќе да не се греши. Што ако речеме: Ете, му простив и готово! Ми грешеше и ме навредуваше и сè ми правеше – и пак му простив, толку е, крај! Не, не. Тоа не е проштавање. Тоа е формалност. Гневот ти останал. Гревот те гризе. Ти не си се очистил, ниту него си го ослободил. Треба љубов да ви се всели во душата. А таа зрачи низ нашите мисли, зборови, чувства и дела - објаснува тој.
Кому да простиме?
Грозданоски вели дека на сите треба да им простиме сè. Дури и на непријателите.
Да простиш, значи да не дозволиш веќе во срцето да ти влезе лоша желба или да ти падне лоша мисла на ум. Да ти исчезнат лошите намери и планови. Очистеното срце да го наполниш со љубов.