X
 14.03.2022 Политика

Што е хемиско оружје и дали Русија би го искористила во Украина?

Русија тврди дека Украина планира да развива биолошко оружје. Украина го негира ова тврдење, а САД велат дека на овој начин Русија само се обидува да го оправда потенцијалното користење хемиско оружје во борбите во Украина.

Украина има лаборатории каде што научниците работеле со болести како ковид-19, а Светската здравствена организација (СЗО) побарала од земјата да ги уништи сите потенцијално опасни патогени во лабораториите поради војната.

Што точно е хемиско оружје?

Би-би-си пишува дека хемиското оружје е каква било муниција која има токсини или хемиски супстанции што го напаѓаат човечкото тело. Има различни видови хемиско оружје, меѓу кои и гас кој ја гори кожата и предизвикува слепило и супстанции кои ги напаѓаат белите дробови на жртвата.


Фото: Pixabay

Најопасното хемиско оружје е нервниот отров кој го попречува испраќањето пораки од мозокот до мускулите на телото. Само мала капка од овој отров може да биде фатална. Сите овие хемиски супстанции може да бидат искористени во бомби и ракети, но се строго забранети со конвенција потпишана од поголемиот дел од земјите, вклучувајќи ја и Русија.

Вакви хемиски супстанции биле користени во Првата светска војна, во војната помеѓу Иран и Ирак во 80-тите години и во напади од сириската Влада врз бунтовниците.

Русија изјавила дека го уништила сето хемиско оружје во 2017 година, но оттогаш имало најмалку два хемиски напади во кои Москва била обвинетата страна.

Дали Русија би искористила хемиско оружје во Украина?

Доколку Русија искористи вакво оружје во војната во Украина, тоа би можело да доведе до реакција од западните страни. Хемиското оружје е еден начин кој ефективно би ја уништил волјата за отпор на Украинците и овој метод веќе бил искористен во Сирија.

Нема докази дека Русија искористила вакво оружје додека ѝ помагала на сириската Влада да се бори со бунтовниците, но ѝ помогнала на други начини на истата Влада, која напаѓала со хемиско оружје.


Фото: Pixabay

Која е разликата помеѓу хемиско и биолошко оружје?

Биолошко оружје е фраза која се користи за да се опише вооружувањето со опасен патоген како еболата. Русија во минатото била обвинета дека масовно произведувала болести како сипаници за да ги користи како оружје.

Конечно, постои и бомба која е исполнета со радиоактивни елементи. Оваа бомба не убива повеќе луѓе од обичната бомба, но може да испушти радиоактивни елементи на голема површина и да ги принуди жителите да се иселат заради безбедност. Освен тоа, ваквата бомба би предизвикала паника кај населението. Досега во светот не била искористена ваква бомба.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика