X
 14.03.2024 Живот

Не сакале да ја лекуваат зашто била црна, но од „најболното девојче“ станала „најбрзата жена во светот“

Вилма Рудолф, во средината на 20 век, од „најболното девојче“ станала „најбрзата жена на светот“. Поради полио, таа не можела да оди до 11-годишна возраст, но на 20-годишна возраст освоила златни медали на 100, 200 и 4x100 метри на Олимписките игри во 1960 година. Таа станала огромна ѕвезда која помогнала да се избрише сегрегацијата во Америка.

Иако не била директна инспирација за филмот „Форест Гамп“, може да се каже дека Вилма Рудолф е вистинскиот Форест Гамп. Имала сериозни здравствени проблеми во детството и морала да оди со слични ортопедски помагала како главниот лик во филмот, но трчањето ѝ донело светска слава.

Од „најболното девојче во Кларксвил“ до „најбрзата жена на светот“


На Вилма лекарите ѝ предвиделе рана смрт. Неколку години подоцна, кога била врзана за кревет поради полио, мислеле дека никогаш повеќе нема да оди. Нејзината тврдоглава мајка Бланш ја пронашла веројатно единствената болница подготвена да лекува девојка со темна кожа од сиромашно семејство во тогашните жестоко дискриминаторски политики на САД. Сепак, Вилма закрепнала и станала спортска икона. 

По само пет години откако ги фрлила протезите и почнала да оди, 16-годишната девојка ја освоила бронзата со американскиот штафетен тим на Олимписките игри во Мелбурн во 1956 година.

Во 1960 година станала првата американска спортистка со три златни медали на Олимписки игри. Исто толку шокантно како и нејзиното појавување, кариерата ја завршила на само 22 години.

Животот на Вилма Глодин Рудолф бил борба од самиот почеток. Таа е родена на 23 јуни 1940 година, два месеца пред терминот и тешка само два килограми. Таа била 20. од 22 деца од двата брака на таткото Ед и осмо дете на мајката Бланш.

Семејството било сиромашно, но среќно. Ед заработувал со напорна физичка работа на железницата, а Бланш со чистење во куќите на белите семејства. Нивното скромно секојдневие можело да го уништи само болест. И токму болеста се појавила. Вилма имала шарлах и тешка пневмонија. Дел од детството го поминала в кревет, а со толку слаб имунитет не можела да оди ниту во градинка ниту во прво одделение, туку дома ја учеле читање, пишување и аритметика.

Кога нејзиното изнемоштено тело се борело со две болести, ја обзело и трета.

-Ќерка ти никогаш повеќе нема да оди - ладно кажал докторот и дијагностицирал детска парализа.

Вилма се заразила со полиовирусот, кој најмногу ги погодува децата и кој, според Светската здравствена организација, убивал или парализирал половина милион луѓе годишно во светот до 50-тите години.

-Мајка ми ми рече дека повторно ќе одам. Јас ѝ верував - напишала Вилма во својата автобиографија.

Набрзо по раѓањето на Вилма, американскиот микробиолог Џонас Салк создал вакцина против детска парализа, но веќе било доцна за телото на хероината од оваа приказна. Таа сама се изборила за најголемата победа во животот, поголема од оние постигнати на атлетската патека.

Во времето на сегрегацијата само на белците им било дозволено да влезат во болницата во Кларксвил. Мајката Бланш не можела да ја прифати неправдата направена на девојката. Помош нашле само во болница во Нешвил, оддалечена околу 80 километри, па Бланш секоја недела ја носела Вилма на третмани.

Стекнатото знаење од болницата, мајката им го пренела на многу членови на домаќинството и така била создадена рутина според која членовите на семејството ја масирале Вилма четири пати на ден.

На 11-годишна возраст Вилма ги фрлила корсетот и ортопедските чевли и конечно била нормално дете. Во текот на годините поминати во куќата со браќата и сестрите се зајакнувал спортскиот дух и се зголемувала желбата за натпреварување.

Штом доволно закрепнала, ги предизвикала маалските момчиња да се искачуваат и да скокаат со неа, а потоа играла и кошарка. Откако го освоила третото место на државниот натпревар за тимови со темна кожа, кошарката станал спорт во кој Вилма можела да гради кариера. Тоа бил планот додека нејзината брзина на средината на натпреварот не била забележана од судија, всушност, атлетскиот тренер на Државниот универзитет во Тенеси, Ед Темпл.

Без разлика што на 14-годишна возраст таа сè уште била во средно училиште, тој ја поканил на универзитетскиот летен тренинг-камп, а со тоа и на девет натпревари организирани од Аматерскиот атлетски сојуз во Филаделфија. Вилма ги победила сите свои конкуренти.

Во 1956 година Темпл ја повикал на пробите во Сиетл, односно на американските атлетски квалификации за Олимписките игри во Мелбурн. За среќа, со неа била и Меј Фагс, член на златната штафета од Игрите во Хелсинки во 1952 година, која ја зела под своја закрила. Темпл не погрешил бидејќи Вилма го постигнала целното време на 200 метри и заработила виза за Австралија. Таа станала најмладата од 297 американски претставници, од кои 46 биле жени. Но, очекуваната нервоза и неразвиеноста на телото го зеле својот данок и Вилма била елиминирана во вториот круг.

Вилма се искачила на олимпискиот подиум со сонародничките Изабел Даниелс, Маргарет Метјус и Меј Фагс по само пет години откако ги симнала металните протези. Добила спортска стипендија и станала полноправна членка на „Тајгербелс“ во 1958 година. Докажаниот рецепт на Темпл давал резултати. Под негово водство, спортистките постигнаа фантастични резултати, па во пресрет на Олимписките игри во Рим во 1960 година, Вилма го освоила златото на националните трки во Кливленд, Нешвил и Чикаго. Врвот во дотогашната кариера го постигнала на пробите во Абилен, Тексас, каде што истрчала 200 метри за 22,9 секунди и поставила светски рекорд кој стоел осум години. Со статус на најбрза на светот, отпатувала за Рим.

Вилма била навикната на нерамни патеки, но не очекувала дека еден ден пред квалификациските трки на 100 метри ќе стапне во дупка и ќе го повреди зглобот на патеката за обука на елитното натпреварување. Среќа во несреќа била што прагот на болка кај неа бил подигнат на ниво на војник. Таа зграпчила пакетче со мраз, налутено го стегнала врз отокот и привремено ја ублажила болката, а потоа се пласирала во полуфиналето.


Два дена подоцна на квалификациската трка на 200 метри поставила нов олимписки рекорд со 23,2 секунди. Глобалниот статус на „најбрза жена на светот“ го заслужила победувајќи ги ривалките во финалето од оваа дисциплина, со време од 24 секунди.

Третото и последно злато го добила на најтешкиот, драматичен начин. Марта Хадсон, Лусинда Вилијамс и Барбара Џонс ја сочинувале штафетата 4x100 заедно со Вилма. Тие добро се познавале, но за малку ќе ја испуштеле палката за време на последниот дел. Тоа ги чинело извесно време, што Вилма како последен тркач го надополнила и во директна битка со нејзината натпреварувачка од втората патека, Џудит Хајне, истрчала до целта со време од 44,72 секунди, пред Германија (45) и Полска (45,19).

Пред да се врати во САД, Вилма со олимписката делегација ги обиколила европските градови. Италијанците ја нарекоа „Ла Газела Негра“ (Црната газела), Французите ја нарекувале „Ла Перл Ноар“ (Црниот бисер). Малку уморна од популарноста и вниманието што го добивала, таа била желна да се врати дома во Кларксвил. Таму ја дочекало непријатно изненадување, но успеала да го претвори во победа поголема од олимписките медали.

Планот на градското раководство било да се организира прослава за добредојде, но законите за сегрегација налагале белците и црнците да бидат разделени на пречекот. Вилма не сакала ни да слушне за тоа. Таа се заканила дека нема да дојде на приемот, инсистирала да се укине поделбата и конечно го добила она што го барала.

Денот на Вилма, кој собрал повеќе од илјада граѓани, бил првиот интегриран настан во историјата на Кларксвил. Тоа бил првиот чекор кон десегрегација, за која таа продолжила да се бори со учество на протести додека конечно не беа поништени законите за расна сегрегација. Таа помогнала да се создаде општество каде што болните црни девојки повеќе нема да мора да патуваат 50 милји за да добијат болничка нега.

Во следните месеци учествувала на неколку трки, но не биле исти како порано. Таа решила да ја заврши кариерата на само 22 години. Шокантната одлука ја објаснила со желбата да замине од врвот и потребата да се грижи за својата четиригодишна ќерка Јоланда, за која се грижеле нејзините родители додека таа градела спортска кариера.

До крајот на животот работела на различни работни места. Била учителка во основно училиште, тренер на Универзитетот „Депау“ во Индијана, потпретседател на Баптистичката болница во Нешвил, американски амбасадор, спортски коментатор и организатор на атлетски програми за сиромашните, како дел од фондацијата што ја основала.

Нејзиниот живот бил постојана борба, а починала од рак на мозокот и грлото во 1994 година. Последните денови таа ретко се појавувала во јавноста.

Извор: 6yka.com

Фото: Youtube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот