Библиотеките од античкото време исчезнале под несреќни околности, поради природни катастрофи и чести пожари предизвикани најмногу од човечко невнимание. Но, многу биле и намерно урнати во војните за да се уништи културното богатство и наследство на народот чија територија е нападната.
Денес во светот постојат стотици илјади библиотеки, јавни, домашни, универзитетски, училишни, црковни, национални и други. Точниот број е невозможно да се утврди. Она што се знае е дека најмногу јавни библиотеки има во Кина, Русија и во Индија. Ова се неколку занимливости за библиотеките во светот кои можеби не сте ги знаеле.
Александриска библиотека – интелектуално богатство на античкиот свет
По смртта на Александар Македонски во 323 година пр.н.е., власта над Египет паднала во рацете на војсководецот на Александар, Птоломеј I. Неговата идеја била од Александрија да создаде главен центар на образованието на Медитеранот. Резултат на тоа е и самата Александриска библиотека. Учени луѓе, филозофи, научници и истражувачи доаѓале во Александрија и го проучувале постојниот материјал во библиотеката, а оставале и свои дела. Иако е една од најславните библиотеки на античкиот свет, за нејзиниот изглед и организација се знае многу малку. Се претпоставува дека имала повеќе од 500.000 дела запишани на папирус во вид на книжевни, историски, математички и правни списи. За времето на пропаѓање на библиотеката не постои единствено мислење. Некои сметаат дека исчезнала во пожар во 4 година пр.н.е., во текот на нападот на Цезар врз Александрија, додека други сметаат дека престанала да постои во втората половина на 3 век, па и подоцна.
Најстарата библиотека во светот
И оваа библиотека се наоѓа во Египет. Тоа е библиотеката на манастирот „Света Катарина“ на Синајската Гора. Изградена е во првата половина на 6 век и ја поседува втората најголема збирка на верски списи и други црковни документи на светот, веднаш по Ватиканската библиотека. Сепак, оваа библиотека не е отворена за јавноста. Достапна е исклучиво за монасите и истражувачите што имаат одобрение од монасите.
Најстара јавна библиотека на светот е Националната библиотека на Франција во Париз. Започнала со работа во 1368 година и се наоѓала во „Лувр“. За 650 години од своето постоење, библиотеката повеќе пати ја менувала својата локација бидејќи бил потребен поголем простор поради зголемувањето на обемот на делата.
Најголемите библиотеки во светот
Конгресната библиотека во САД со повеќе од 158 милиони поединечни содржини сместени на полиците со вкупна должина од 1.30 километри се смета за најголемата библиотека во светот. Освен книги има и други печатени материјали, ракописи, географски мапи, фотографии, како и аудио и видеоматеријали.
Британската библиотека во Лондон е втората најголема светска библиотека, ако се набљудува просторно, но со најбогата колекција од околу 170 милиони книги, ракописи, списанија и дневни весници, поштенски марки и друго. Полиците имаат вкупна должина од 330 километри, а на читателите не им е дозволен пристап до нив, Сите што сакаат книга мора да му се обратат на библиотекарот, кој потоа книгата ја носи до масите во читалницата. Според британските закони, примерок од секое ново печатено издание во Велика Британија задолжително мора да се достави во библиотеката.
10 најпознати библиотекари
- Ератостен, старогрчки научник. Изучувал математика, географија и астрономија. Се смета за творец на координативниот систем на географска ширина и должина. Пишувал и поезија. Бил главен библиотекар на Александриската библиотека.
- Ѓакомо Казанова, озлогласен шпион, писател, дипломат, но и најпознат како страстен љубовник одговорен за љубовните афери со многу познати италијански дами. Во еден период од животот се занимавал и со библиотекарство.
- Бенџамин Френклин, американски научник и иноватор, познат како голем борец за човекови права и слободи и како политички активист. Бил еден од иницијаторите за формирање на библиотеката во Филаделфија, во која и работел. Тоа е првата јавна библиотека во САД.
- Мелвил Дјуи го измислил децималниот систем на класификација на книгите. Овој систем, иако Дјуи го изработил пред речиси 150 години, и денес се користи за класификација на книгите во библиотеките.
- Марсел Пруст, француски романописец и книжевен критичар. Се занимавал и со библиотекарство.
- Дејвид Хјум, познат шкотски интелектуалец, филозоф, историчар и економист. Работел како библиотекар во адвокатската библиотека во Единбург.
- Луис Керол, автор на една од најпознатите детски книги „Алиса во Земјата на чудата“, исто така бил библиотекар, и тоа во една јоркширска црква.
- Јакоб Грим, еден од славните браќа Грим чии класични бајки како „Пепелашка“ и „Снежана“ и денес имаат планетарна популарност. Овој германски филолог, собирач на народна книжевност и писател, работел и како библиотекар во Касел.
- Хорхе Луис Борхес, аргентински писател, се занимавал со библиотекарство во општинската библиотека во Перон од 1939 до 1946 година.
- Мао Ѕедунг, основач на Народна Република Кина во 1949 година. Како млад човек, во 1918 година, бил асистент на библиотекарите во универзитетската библиотека во Пекинг.