X
 14.04.2018 Здравје

Ноќните птици умираат помлади

Ноќните птици можеби се позабавни на забавите, но останувањето будни до доцна навечер може да има сериозни последици, сугерира нова студија објавена во „Хронобајолоџи интернешенл“. Имено, тоа може да ги зголеми шансите за рано умирање.

Истражувачите разгледале податоци од голема студија на населението во Британија, позната како „Биобанк“. Околу половина милион лица учествувале во студијата од 2006 до 2010 година и оттогаш нивното здравје постојано се следи. Во новата студија истражувачите разгледале повеќе од 400.000 волонтери на возраст помеѓу 38 и 73 години кои одговарале прашања за тоа дали се ноќни птици, а потоа биле набљудувани околу шест и пол години.

Над 10.000 од тие луѓе починале додека траело истражувањето. И споредено со оние што се опишале како утрински луѓе, за ноќните птици веројатноста да починат била поголема за околу десет отсто. Освен тоа, ноќните птици генерално не биле толку здрави како другите. Кај нив имало зголемена доминација на повеќе болести или нарушувања, како дијабетес, психолошко и невролошко нарушување, респираторни и гастроинтестинални болести.

Студијата е уште еден показател за ризиците за здравјето што ги носи седењето до доцна навечер. Според авторите, ова е првата ваква студија што сугерира дека ноќните птици се поблиску до гробот. Исто така е првата што сугерира дека гастроинтестиналните и невролошките проблеми се почести кај ноќните птици.

Иако студијата не може да одговори на прашањето зошто е така, друго истражување посочува дека ноќните птици јадат помалку, се однесуваат импулсивно, често пијат алкохол и за викендите се будат подоцна отколку преку неделата, кога одат на работа.

Изненадувачки, иако седењето до доцна во ноќта често се поврзува со недостиг од сон, истражувачите не нашле некои разлики во времетраењето на сонот помеѓу различните групи во студијата, ниту пак времетраењето на сонот влијаело врз севкупните резултати.

Неколку студии исто така утврдиле дека повеќето луѓе што работат ноќни смени е поверојатно да бидат подложни на болести и да починат порано.

Околу 20 до 50 отсто од нашиот биолошки ритам е одреден од нашите гени, велат авторите. Но има начини да го поместиме нашиот внатрешен часовник. На пример, да се користи светло наутро за да се разбудите и мелатонин навечер за да ви помогне со сонот. Овие техники можат да ги користат луѓе што хронично седат до доцна навечер. Можат да помогнат и работодавците така што ќе ги менуваат смените.

- Не треба да бидат форсирани да стануваат во осум наутро за на работа. Работните смени треба да се совпаѓаат со хронотиповите на луѓето. Некои луѓе можеби се подобри за ноќна смена - вели авторката Кристен Кнутсон.

Можеби најлесниот чекор што таа и нејзиниот тим го сугерираат како интервенција би бил нешто што сите, а особено ноќните птици, би го поддржале, а тоа е ослободување од целосно бескорисното летно сметање на времето.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје