X
 20.01.2021 Здравје

Намирници што може да го подобрат квалитетот на сонот

Експертите препорачуваат некои мерки за надминување на несоницата предизвикана од стрес. Меѓу другото, се препорачува вежбање и намалување на времето поминато пред екран.

Но многу луѓе занемаруваат еден важен фактор - исхраната. Сè повеќе истражувања покажуваат дека храната што ја јадеме влијае врз нашиот сон, а начинот на спиење влијае врз исхраната. Според научниците, исхраната богата со шеќер, заситени масти и преработени јаглехидрати може да го наруши сонот, додека јадењето повеќе зеленчук, овошје и храна богата со незаситени масти, како јаткаски плодови, маслиново масло, риба и авокадо, го има обратниот ефект.

Големите епидемиолошки истражувања спроведени со текот на годините откриваат дека луѓето што не спијат добро најчесто се хранат нездраво. Но овие истражувања ги покажуваат само врските, а не и последиците и причините, па не може да објаснат дали лошата исхрана му претходи на лошиот сон или обратно.

Затоа, во новите истражувања учесниците јадат одредени намирници и се следат промените низ кои поминуваат во поглед на спиењето. Мери-Пјер Сент-Онж, професор по нутриционистичка медицина на Универзитетот „Колумбија“, вели дека луѓето што сакаат да го подобрат сонот треба да се фокусираат на квалитетот на целата исхрана, а не на одредени намирници.


Фото: Pixabay

Во едно истражување таа открила дека луѓето доживуваат физиолошки промени кои ги поттикнуваат да бараат нездрава храна кога не спијат доволно. Од друга страна, таа открила и дека јадењето заситени масти, а помалку зеленчук, овошје и зрнести плодови, го намалило квалитетот на сон кај испитаниците.

Генерално, клиничките испитувања покажале дека јаглехидратите имаат големо влијание врз сонот, односно луѓето побрзо заспиваат кога јадат намирници со многу јаглехидрати. Но, Сент-Онж посочува дека тука игра улога и квалитетот на јаглехидратите, а подобри се оние што содржат влакна.

Многу експерти заклучуваат дека исхраната и сонот се поврзани и дека подобрувањето на едното може да го подобри другото и обратно, вели Сузан Редлајн, доктор во болницата „Бригам енд вимен“ и професор на „Харвард“.

- Најдобар пристап за здрав живот е да се има здрава исхрана и здрав сон - вели таа.

Автор: Анахад Оконор
Извор: nytimes.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје