X
 16.12.2018 Образование

Училишта во Сиетл го смениле времето на започнување на наставата, резултатите се многу позитивни

Повеќето од нас веројатно би признале дека сакаат да останат малку подолго во кревет наутро, но некои деца во американскиот град Сиетл имаат и официјална дозвола и од започнувањето на експериментот со одење подоцна на училиште се појавија многу бенефити.

Младите поминуваат повеќе време во кревет, повеќе седат на училиште и добиваат повисоки оценки, покажува неодамна објавен извештај.

Авторите на студијата мислат дека менувањето на почетокот на наставата на пошироко ниво може да го премости јазот меѓу различните социо-економски групи, да ги намали шансите учениците да се чувствуваат уморни во текот на денот и да го подобри нивното здравје.

- Сите студии на шемите на спиење кај адолесцентите во САД покажуваат дека времето кога тинејџерите генерално заспиваат е одредено биолошки, но времето кога тие се будат е одредено социолошки - вели Гидион Данстер од Универзитетот во Вашингтон, еден од истражувачите.

Промената на почетокот на наставата беше најавена во 2015 година и оттогаш напредокот на учениците се следи на различни начини, вклучувајќи и стегачи за следење на спиењето, кои се поверодостојни од шемите на спиење што учениците сами ги кажуваат.

Сите 18 средни училишта во еден округ го поместиле времето на ѕвонење на првото ѕвонче од 7:50 во 8:45, речиси еден час подоцна, а должината на училишниот ден останала иста.

Врз основа на новата студија, во чии рамки биле набљудувани 180 деца од две од тие училишта, кај учениците имало зголемување на медијаната од 34 минути сон секоја ноќ, па просечното време на спиење се зголемило од просечната медијана од 6 часа и 50 минути на 7 часа и 24 минути.

Истражувачите велат дека ова се совпаѓа со она што го знаеме за биолошките часовници на адолесцентите - дека се различни од оние на возрасните.

- Да барате од тинејџер да биде буден и во состојба на готовност во 7:30 наутро е како да побарате од возрасен да биде буден и во состојба на готовност во 5:30 изутрина - вели биологот Хорасио де ла Иглесија, исто така дел од тимот.

И ова не е единствениот бенефит. Оценките на студентите биле повисоки за 4,5 отсто откако било сменето времето на почеток на наставата, иако во овој случај бил тестиран само еден предмет. Во меѓувреме, во училиштата каде што има деца со економски понеповолни заднини, присуството и точноста се подобриле, иако ова влијание не било забележано кај другото училиште.

Зошто сите овие експерименти? Децата едноставно не спијат доволно за да останат здрави, а експертите препорачуваат осум часа сон секоја ноќ. Истражувањата покажуваат дека само околу една четвртина од средношколците спијат толку.

Дополнително, наставниците во Сиетл велат дека има многу бенефити и дека разликата во вниманието и нивото на енергија кај учениците во текот на утрото во споредба со порано е ден и ноќ.

Сепак, една од последиците е тоа што учениците имаат помалку време попладне за домашни и за социјални активности.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование