Важноста на редовниот и здрав сон за човековиот организам одамна е докажана. Но, како да си го обезбедиме тоа природно, без апчиња и други средства за спиење?
Стручните лица имаат повеќе совети...
Рано будење наутро заради изложување на телото на природна дневна светлина
Тоа го „навива“ биолошкиот часовник и нè навикнува на тоа да одиме порано во кревет. Изложувањето на дневна светлина рано не значи да станувате пред изгрејсонце, туку „сончање“ на терасата од 30 до 60 минути. Особено ефективно е ако тоа се комбинира со набљудување и на залезот приквечер.
Не претерувајте со попладневната дремка
Дремката по напорен работен ден, понекогаш, е просто неизбежна. Но, ако зачести, може да го наруши вечерниот сон, кој е најважен. Дремката не треба да биде подолга од 20 минути, препорачуваат стручњаците.
Не правете физички вежби доцна
Иако звучи нелогично тоа дека физичките напори можат да бидат штетни за сонот, кај некои луѓе тоа е така. Вежбањето ја зголемува телесната температура, а при ноќното спиење, природно се случува благ пад. Така, физичката активност непосредно пред легнувањето го нарушува природниот процес на заспивање.
Оброк наутро и во средината на денот
Варењето на храната, како процес во телото, со приближувањето на времето за спиење, сè повеќе се забавува. Ако внесете повеќе храна пред да си легнете, тоа може да доведе до проблеми, на пример, поголеми количества стомачни киселини. Освен тоа, некои истражувања посочуваат дека храната што се јаде навечер, се „складира“ во телото во облик на масти наместо да се потроши како енергија.
Кафето навистина може да е штетно за сонот
Пиењето кафе, зелен и црн чај ги прави луѓето побудни и активни, ги блокира рецепторите на мозокот за аденозин. Кофеинот обично го достигнува максималниот ефект околу 15 до 45 минути по внесувањето. Ако ги тргнеме настрана лекарствата, состојбата на црниот дроб, па дури и генетиката како фактори, кај повеќето здрави возрасни луѓе кофеинот кружи во телото до шест часа по консумацијата. Така што, кафе или чај по ручекот не се препорачува.
Извор: МИА