Возможно е да се добие лажно негативен резултат кај инфекции кои се во зачеток и нема доволна концентрација на вирусот во самиот примерок или вирусот се наоѓа во подлабокиот дел на респираторниот тракт и не може да биде опфатен со стандардната процедура на земање брис
- Имајќи предвид дека значаен дел од трансмисијата на коронавирусот се пренесува преку луѓе кои немаат никакви симптоми (асимптоматски се од 30 до 50% од сите заразени), веќе не постојат правила и алгоритми за селекција на пациенти, сите сме потенцијални носители. Можеби е потребен масовен скрининг - вели д-р
Горан Кунгуловски, директор за технолошки развој во „Био инженеринг Доо“ и раководител на Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во клиниката „Жан Митрев“ во интервјуто за Факултети.мк. Кунгуловски ни откри и какви тестови за коронавирус се користат во Македонија, зошто еднаш тестот е негативен, а потоа позитивен и како всушност тестот детектира коронавирус.
Кога првпат се појавија тестовите за коронавирусот и објаснете ни како се прават тестови кога е во прашање нов вирус, како овој?
- За да направите генски тест за детекција на кој било организам или вирус, најпрво е потребно да се секвенционира геномот на тој организам, односно да се одреди (декодира) редоследот на сите негови букви во неговата генска азбука. Во изминативе години со развојот на новите генерации на технологии за ДНК-секвенционирање ја имаме таа можност истото да го направиме за многу кратко време. Кога се работи за вируси, одредувањето на геномот на самиот вирус во специјализирана лабораторија може да се одреди за 24 часа. Откако ќе го дознаеме генскиот код на вирусот и ќе го споредиме со геномот на други вируси, ќе бидеме во можност да најдеме генски региони кои се уникатни само за тој вирус. За детекција на тие уникатни региони потоа можеме да дизајнираме побрз (неколку часа) PCR базиран тест, кој е препорачан од СЗО и тековно се користи за детекција на новиот коронавирус (SARS-CoV-2). Ковид-19 се вика болеста, а не вирусот.
Во лабораторијата каде што се прават тестовите
Какви тестови за испитување на присуство на коронавирус имате во Вашата лабораторија конкретно?
- Во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина лоцирана во клиниката „Жан Митрев“ се работат тестовите што се препорачани од СЗО и се базирани на реверзно транскриптазен real-time PCR (полимеразно верижна реакција во реално време). Овие тестови со тековната цена ги започнавме како тестови само за предоперативни пациенти во ЖМК, но бидејќи ситуацијата така наложи, се вклучивме во борбата со коронавирусот на национално ниво. Поради сите стандарди што ги исполнуваме, очекуваме и помош од државата. За да се направи тој тест, најпрво се зема примерок (преку брис) длабоко од грлото и носот на пациентот. Понатаму, од тој примерок се изолираат сите РНК-молекули, преку реакција на реверзна транскрипција истите се претвораат во ДНК-молекули (кои се постабилни) и понатаму доколку тие уникатни региони од вирусот се присутни во примерокот, се детектираат преку real-time PCR. Значи овој тест директно го детектира присуството или отсуството на самиот вирус во примерокот.
Министерот Венко Филипче на една прес-конференција објасни дека ниту еден тест нема 100 проценти сензитивност, па, за жал, секогаш постои шанса да се добие лажен тест. Објаснете ни зошто се случува ова, постои ли сигурен тест?
- При развојот и примена на тестови не се користат фрази како „сигурен или несигурен тест“, туку се користат метрики како
сензитивност (пример од 100 заразени, колку од нив тестот ги детектира како заразени)
специфичност (пример од 100 незаразени, колку од нив тестот ги детектира како незаразени),
позитивна предиктивна вредност - PPV (од сите позитивни резултати, колку од нив се навистина заразени) и
негативна предиктивна вредност – NPV (од сите негативни резултати, колку од нив се навистина негативни).
PCR базираните тестови се најчесто најсензитивните и најспецифичните тестови во биомедицината бидејќи теоретски се способни да детектираат само еден молекул од вирусот во самиот примерок. Тестовите за новиот коронавирус, според нашите сознанија, имаат праг на детекција помеѓу 10 и 100 вирусни честички. За сите протеински и имунолошки тестови, потребни се многу повисоки концентрации на материјал, што значи дека имаат пониска сензитивност. Кај PCR базираните тестови ретко се случува да се добие лажно позитивен резултат (истиот може да биде резултат на лабораториска контаминација), но возможно е да се добие лажно негативен резултат кај инфекции кои се во зачеток и нема доволна концентрација на вирусот во самиот примерок или вирусот се наоѓа во подлабокиот дел на респираторниот тракт и не може да биде опфатен со стандардната процедура на земање брис.
Кога всушност треба да се направи тест за коронавирус. Дали веднаш штом се посомневаме во болеста, дали треба да се почека неколку дена... Што се покажало како најдобро искуство?
- Доколку се појави симптоматологија која е во согласност со новиот коронавирус, тест треба да се направи веднаш. Според мене, доколку е возможно, најдобро е да се направат тестовите веднаш штом се посомневате и доколку испаднат негативни, тестот да се повтори по 7 и по 14 дена. Доколку тестот испадне позитивен, треба веднаш да преземете мерки на изолација или хоспитализација доколку тоа го налага здравствената состојба. Имајќи предвид дека значаен дел од трансмисијата на вирусот се пренесува преку луѓе што немаат никакви симптоми (асимптоматски се од 30 до 50% од сите заразени), веќе не постојат правила и алгоритми за селекција на пациенти, сите сме потенцијални носители. Можеби е потребен масовен скрининг.
Колку време е потребно да се добие резултат? Колку време му е потребно на вработен во лабораторијата за работа со само еден пациент?
- Во нашата лабораторија резултати од тестовите се добиваат неколку часа по приемот на самиот брис (биолошки примерок), а пациентите генерално ги добиваат резултатите најдоцна 1-2 дена по земањето на брисот. Оптималната временска рамка на тестот е следната:
1) Земање брис и земање податоци – 10 минути
2) После достава, брисот се процесира – 15 минути
3) Екстракција на РНК од брисот – 60 минути
4) Подготовка на реакции – 30 минути
5) Real-time PCR реакција – 1 час и 30 минути
Но, имајте предвид дека во лабораториската и медицинската практика ретко процесот поминува мазно и оптимално поради големиот број најавени и ненајавени пациенти. Чекорите 3 и 4 се одвиваат во посебна просторија и специјализиран кабинет (BSC2) со зголемена биолошка сигурност и автоматски екстрактори на РНК. Во таа просторија контролиран пристап имаат само неколку членови од персоналот во болницата. Останатите чекори од процесот се одвиваат во простории со високо
специјализирана опрема.
Кога се прави повторен тест?
- Повторен тест се прави кај пациентите што добиле позитивен резултат и се наоѓаат во процес на третман и лекување. Кај нив брисевите се прават со цел да се следи болеста и нејзината реакција на третманот. Повторни брисеви се прават и кај пациенти што добиле негативен резултат, но имаат симптоматологија соодветна за Ковид-19. И за крај, брисеви може повторно да се направат кај пациенти што добиле резултати од две различни институции кои не соодветствуваат еден со друг (едниот тест покажал присуство, а другиот отсуство на вирусот).
Прашањето што сите ги мачи деновиве е зошто при едно тестирање се добива негативен резултат, а подоцна кај пациентот се утврдува присуство на болеста кога ќе ги добие првите симптоми, кај некои дури и посмртно? Имавме вакви случаи.
- Ако едниот тест се направил со PCR технологија, а другиот со детекција на антитела, одговорот е многу лесен. Антителата не може да се користат за детекција на инфекцијата во акутна фаза и не го детектираат вирусот, со што може да покажат лажно негативни резултати. Од друга страна, доколку тестот со антитела покаже позитивен резултат за IgG (што укажува на стекнат имунитет), поимливо е PCR тестот да биде негативен бидејќи пациентот најверојатно ја прележал инфекцијата. Погоре е напоменато дека кај PCR базираните тестови возможно е да се добие лажно негативен резултат кај инфекции што се во зачеток и нема доволна концентрација на вирусот во самиот примерок или вирусот се наоѓа во подлабокиот дел на респираторниот тракт и не може да биде опфатен со стандардната процедура на земање брис.
Според некои последни информации, во Вухан присуство на вирусот се лоцира кај некои пациенти што веќе го прележале, а кои сега немаат никакви симптоми. Што вели науката за ова, дали се само носители кои се повторно опасност за другите граѓани?
- Во изминативе недели од Кина, па сега и од Јужна Кореја излегуваат информации за пациенти кои по неколку негативни тестови за коронавирусот добиваат повторно позитивни наоди. Од сето она што го знаеме од имунологијата, малку е веројатно дека тие пациенти се реинфицирани. Во сите овие медиумски дојави фали една критична информација, дали кај тие пациенти повторно се појавиле симптоми или не? Дали концентрацијата на вирус што е детектирана по „прележување“ на вирусот е иста како при првиот дијагностички тест? Сите овие информации ќе ни помогнат објективно и аналитички да пристапиме кон оваа ситуација.
Доколку овие тврдења се базирани само на резултати од тестови (позитивни vs негативни), можни се неколку сценарија и претпоставки:
1) Многу низок титар (концентрација) на вирусот постоел во дормантна (заспана) состојба во некои клетки и се реактивирал, па затоа од неколку негативни понатаму се добил позитивен резултат. Или можеби се случило изумирање на клетки кои ослободуваат секвенци на неактивен вирус.
2) Првите тестови биле лажно негативни. Ако вирусот се наоѓа само кај неколку клетки во ултраниска концентрација, можно е при првото земање брис тие заразени клетки да не се опфатат и да се покаже негативен резултат, а при второто земање да се опфатат и да покаже позитивен резултат. Во овој случај веројатно пациентите веќе не можат да заразат други луѓе.
Како би го опишале коронавирусот во неколку реченици?
- Доколку треба да му дадам човечка одлика, би рекол дека е расипан.
За разлика од неговиот брат САРС (SARS-CoV), кој генерално се пренесуваше
„силеџиски“, односно преку индивидуи што покажуваа симптоми – со што беше полесно тие да се идентификуваат и изолираат, новиот коронавирус (SARS-CoV-2) е „расипан“ бидејќи кај мнозинството луѓе (¬80%) не предизвикува или предизвикува благи симптоми, а додека кај малцинството (¬20%) предизвикува посериозни симптоми. Бидејќи е тешко да се идентификуваат луѓето без симптоми, тие може да го пренесуваат вирусот без да знаат и да придонесуваат за пандемијата. Оваа наводна безопасност отелотворена во недостиг на симптоми кај одредени луѓе го прави вирусот многу опасен.