X
 18.01.2021 Здравје

Зошто во САД годинава има рекордно мал број заболени од грип?

Кога станува збор за јавното здравје, годинава насловите беа окупирани со Ковид-19. Меѓутоа, додека пандемијата предизвикана од оваа болест остава влијание врз сите нас, се забележува и рекорд во поглед на сезонскиот грип.

Во САД има рекордно мал број на лица заразени со сезонски грип годинава. Од крајот на септември до крајот на декември 2019 г. во оваа држава имало над 65.000 случаи на грип. Во истиот период во 2020 г. биле забележани малку повеќе од 1.000 случаи.

Како светот погоден од ужасна пандемија забележува намалување на болест која ги погодува граѓаните секоја година? Можни се повеќе причини.

За почеток, повеќе луѓе се вакцинирале против грип годинава. Во 2020 г. низ САД биле дистрибуирани 188 милиони дози од вакцината против грип, што е речиси 20 милиони дози повеќе од 2019 година.


Фото: Pixabay

Освен вакцинирањето, во земјата се преземаат мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, како изолација, носење маски и водење хигиена, што помагаат и во спречување на ширењето на грипот, вели епидемиологот Елизабет Ли од „Џонс Хопкинс“.

Обично наесен луѓето им се враќаат на работните обврски, а децата на училиште, но не и оваа година.

Но постои и помалку позната причина поради која се чини дека ширењето на грипот се намалува кога се зголемува ширењето на Ковид-19. Според Ли, има истражувања кои покажуваат дека некои вируси, како респираторните и грипот, „меѓусебно комуницираат“. Доколку луѓето се заразат со една болест, можно е имунитетот да го блокира влијанието на други вируси и да спречи заразување.

Сепак, овој концепт не е доволно разбран и истражуван, исто како и хипотезата за намалување на ширењето на грипот. Сезоната на грип не е завршена и може да се сменат многу работи, предупредува Ли.

Автор: Сара Кајли Вотсон
Извор: popsci.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје