Ковид-19 донесе многу неизвесност и страв кај сите нас, но и уверување дека кога треба, знаеме да се организираме
Пишува: проф. д-р Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ
Информациите за Ковид-19, лажни и вистинити, научни и ненаучни, предрасуди и теории за заговор, се шират со невидена брзина и носат помешани емоции, од кои, можеби, централна емоција е стравот, егзистенционалниот страв, стравот од непознатото, стравот за најблиските, и пошироко, колективниот страв. Во минатото важните откритија беа локални: вакцинирањето на големи сипаници, на пример, се користеше во Индија, Кина и во Африка најмалку сто години пред Европа. Денес, знаењето, откритијата, но и стравот, повеќекратно засилен од новите дигитални технологии, интернетот, и особено од социјалните мрежи, се шират, речиси моментно, на сличен начин како и пандемијата. Така, на пример, истражувачите покажаа дека негативните
емоции се шират како и заразните болести.
Проф. д-р Љупчо Коцарев
Справувањето со Ковид-19 треба да има повеќеслоен карактер, трансдисциплинарна димензија, со други зборови, треба да се води сметка за сите науки (природните, техничките, општествените и хуманистичките), но и за уметностите. Денес, кусо ќе пишувам за три аспекти во справувањето со Ковид-19, при што првите два им припаѓаат на општествените науки, поточно се однесуваат на културната психологија и на политичката поларизација, и се далеку од мојот научен интерес, а последната тема, кооперација во група, се третира и во општествените (економија и социологија) и во природните (физика и биологија) науки и, веќе подолго време, е во центарот на мојот научен интерес.
Луѓето се културни суштества, поврзани меѓу себе во сложена мрежа од практики, норми и погледи кон светот. Во дисциплината
културната психологија, која ги истражува „начините на кои психологијата и културата се испреплетуваат една со
друга“, ќе најдеме одговор, меѓу другите прашања, и на прашањето поврзано со однесувањето на различни култури во присуство на глобална закана, каква што е, несомнено, Ковид-19. Притоа, научниците зборуваат за разликите помеѓу културите што имаат силни норми и ниска толеранција на девијантно однесување (таквите култури се наречени стегнати култури) наспроти културите што имаат слаби социјални норми и голема толеранција на девијантно однесување (или лабави култури). Така, на пример, во
трудот, користејќи податоци од 33 нации, се илустрираат разликите меѓу овие две култури.
Дел од атмосферата во Вашингтон, во втората половина на март
Стегнати култури имаат, на пример, Сингапур, Јапонија и Кина, додека во земјите со лабави култури се вбројуваат, припаѓаат САД, Италија и Бразил. Постоењето на овие два типа култури, според истражувањата, е резултат на големи историски и еколошки закани, распространетост на природни непогоди, инвазии, густина на население и потреба за строги правила заради обезбедување, координација и здружување во време на кризи. Според тоа, се
очекува дека ширењето на Ковид-19 ќе ги згусне заедниците, ќе направи тие да се приспособат и да попримат елементи на стегнатите култури. Тука како клучни прашања се јавуваат кога и во колкава мерка лабавите култури/општества ќе се приспособат на пандемијата на Ковид-19, а несомнено, успехот во справувањето со пандемијата ќе зависи од брзината и меѓусебната компактност.
Кина / Извор: Youtube
Втората тема за која ќе пишувам денес е
политичката поларизација. Една од бариерите за координирана акција при решавање глобални прашања што го засегаат човештвото (климатски промени, Ковид-19 и редица други), но и национални/државни прашања, е политичката поларизација. Во врска со ова психологијата разликува два вида поларизација:
- поларизација на ставови (мислења) и
- поларизација на афекти (се користи терминот афективна/емотивна поларизација).
Па така, неодамнешно истражување покажа дека во четири држави, Велика Британија, САД, Белгија и Шпанија, граѓаните се посилно приврзани спрема политичките партии отколку на социјалните групи што ги претставуваат партиите. Уште повеќе, партиските следбеници ги дискриминираат своите противници до степен што надминува дискриминација врз припадници на верски, јазични, етнички или регионални надворешни групи. Причините за јакнењето на ваквите појави во современите демократии, но и во Македонија, е тема што заслужува да биде посебно анализирана. Но тоа е тема за друго место и во друго време.
Последиците од афективна поларизација се големи, од намалување на политичката доверба и зголемено етикетирање, до верување во лажни информации и поткопување на социјалните и економски односи. За афективната поларизација пишува професорот Шанто Ајенгар од Универзитетот „Стенфорд“, а еден скорешен прегледен
труд со наслов „Потеклото и последиците од афективната поларизација во Соединетите Држави“ зборува за поместувањето во поимањето и ефектите на афективната поларизација во САД, но и секаде, во многу други држави: „Додека претходната поларизација првенствено се манифестираше преку определени теми, во последниве години се појавува нов вид поделба меѓу граѓаните: обичните Американци сè повеќе не ги сакаат и не им веруваат на оние од другата страна. Демократите и републиканците велат дека членовите на другата партија се лицемерни, себични и затворени, и не се подготвени да се дружат преку партиски линии“. На крајот, трудот завршува со следната констатација: „Партизацијата се чини дека сега ги компромитира нормите и стандардите што ги користиме за избор на нашите избрани претставници, па дури ги наведува следбениците да ја доведат во прашање легитимноста на изборните резултати, обете се закана на темелите на репрезентативната демократија“.
Фото: Pixabay
Конечно, партизацијата е закана и за јавното здравство, и може да биде закана за справување со
Ковид-19. Политичката поларизација во време на пандемија може да доведе различни групи на населението да носат различни заклучоци за Ковид-19 и за соодветните активности поврзани со пандемијата. Така, на пример, анкетата на Ен-би-си њуз/Волстрит журнал од 15 март 2020 година покажа дека постои остра партиска поделеност меѓу Американците во врска со пандемијата на вирусот Ковид-19.
Третата тема е кооперација (соработка) меѓу различни агенти/ентитети, групи и организациски единици. Во природата, соработката е потребна при градењето нови нивоа на организација; така, на пример, повеќеклеточните организми, социјалните инсекти и човечкото општество се засновани на соработка. Во услови на криза, различните организациски единици, семејство, заедница, држава и свет (поврзан преку меѓународни институции) треба да носат одлуки за соработка, што може да претставува голем предизвик. Соработката бара организациите што соработуваат да поднесат товар изразен во индивидуална цена за сметка на другите, што не секогаш може да биде прифатен. Така, на пример, според едно истражување, постои конфликт помеѓу краткорочниот личен интерес наспроти долгорочниот колективен
интерес. Од друга страна, истражувањето направено со примероци од општата популација на САД, Италија, Русија, Аргентина, Јужна Африка и Иран покажа дека со зголемување на глобализацијата на ниво на држава и на индивидуално ниво се зголеми индивидуалната соработка на глобално ниво, наспроти локалното
ниво.
Справувањето со пандемијата Ковид-19 иницира соработка од невидени размери на повеќе нивоа. Па така, научниот свет се мобилизира во глобалната соработка за барање научни решенија за справување со пандемијата, при што научниците им препорачуваат на сите меѓународни лидери да ја поддржат подготвеноста на земјите со ниски и средни приходи и да поддржат истражувачки проекти за развој на лекови и вакцини. Исто така, се препорачува „меѓународната заедница да развие подобра координација, соработка и силна солидарност во заедничките напори за борба против ширењето на
Ковид-19“.
Фото: Борче Поповски
Овој текст има цел да пренесе три пораки. Прво, Македонија е лабаво општество. Во таквите општества, генерално зборувано, се дава приоритет на слободата пред безбедноста, па затоа тие општества може да имаат, а примерите со САД, Италија и Шпанија покажуваат дека де факто имаат, тешкотии во справување со пандемија.
Клучно за Македонија, што мислам дека досега добро се прави, е да обезбеди, во услови на криза, рамнотежа меѓу двата антиподи, еднакво користење на слободата и ограничувањето.
Второ, поларизации во едно општество секогаш ќе има и тоа е добро за напредокот на општеството. Поларизацијата на ставови го следи принципот на Волтер: „Јас целосно не го одобрувам она што го зборуваш, но ќе го бранам до смрт твоето право да го кажеш тоа“. Од друга страна, помеѓу двете поларизации, на ставови и афекти, втората треба да се минимизира. За жал, политичката поларизација сè почесто, секаде во свет, тесно се поврзува со поларизацијата на афекти, што предизвикува домино-ефект, уште поголема политичка поларизација (дури и екстремизам) меѓу граѓаните. Особено во услови на Ковид-19, но и по кризата, за доброто на граѓаните на оваа држава, но и пошироко, треба да се намалат не само поларизираните политики, туку и поларизацијата на афекти која е, за жал, нашироко присутна во медиумите и меѓу јавните лица.
Фото: Борче Поповски
Трето, многу научници проценуваат дека Ковид-19 е вирус кој, можеби, има споредлива смртност со грипот H1N1 во 1918 година. Од друга страна, брзото ширење, неспремноста на здравствените системи, недоволните податоци за подетална анализа и моделирање и непостоењето на вакцина нè ставија во тешка позиција во напорот да го сопреме пренесувањето на болеста на глобално ниво.
Кои се економските детерминанти на пандемијата на Ковид-19? На ова прашање ќе се обидам да дадам одговор наскоро. Ковид-19 донесе многу неизвесност и страв кај сите нас, но и уверување дека кога треба, знаеме да се организираме, и со подобра соработка и солидарност на сите граѓани и институции во нашата држава, да се бориме за сузбивање на пандемијата на Ковид-19.