X
 29.03.2020 Наша тема

Ечат сирените на брзата помош во Шпанија небаре има војна, вели нашиот виолинист Костадин Богданоски

Вирусот не избира кого ќе зарази. Сите заедно мора да излеземе од ова, обединети повеќе од кога било - вели македонскиот виолинист кој 15 години живее во Барселона, каде што е дел од оркестарот на Гран театре дел Лицеу

Македонскиот виолинист Костадин Богданоски, кој е дел од реномираниот оркестар во Гран театре дел Лицеу во Барселона, ни споделува како изгледа Шпанија, особено делот на Каталонија, во миговите на епидемијата со коронавирусот. До 3 мај и неговиот театар нема да работи, а сега главниот фокус е на зачувување на здравјето и да се стиши целата ситуација.  

Шпанија е една од најпогодените земји во светот од коронавирусот. До вчера (28 март) беа потврдени 72.469 заразени лица, а има и 5.826 смртни случаи. Дека вирусот не избира кого ќе зарази, зборува и фактот што погодени се и премиерот на Шпанија, Санчез, и неговото семејство, оперската легенда Пласидо Доминго, претседателот на Каталонија...


Барселона

- Вирусот не избира. Сите заедно мора да излеземе од ова, обединети повеќе од кога било. Секојдневно сме под голем стрес бидејќи сме со мали деца, а не знаеме, не дај Боже, ако некој од нас се разболи, колку сериозно може да се одрази врз нив. Вирусот не остава никого рамнодушен. Секое излегување надвор до маркет или аптека е ризик и стрес. Секој производ дома го дезинфицираме бидејќи не се знае кој го допрел. Буквално како да живееме во кошмар. Сирени од брза помош нонстоп се слушаат - вели Богданоски, кој е син на Светозар Богданоски, светски познатиот изработувач на виолини.

Костадин живее во Шпанија 15 години. Студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје и на Конзерваториумот во Тулуз, Франција. 

Вели дека периодов најдобро е да се седи дома.


Костадин заедно со сопругата и ќерката по настап во „Св. Софија“


- Настинати сме сите и се лекуваме како знаеме и умееме, со помош на наши специјалисти од Македонија кои ни кажуваат што да пиеме затоа што секое одење на лекар овде претставува голем ризик. Овде ни препорачуваат да не се оди на лекар во случај на симптоми на коронавирусот. Седење дома, топли пијалаци и честа хидратација. Ако имаш температура, само „парацетамол“, само ако имате симптоми на респираторните органи завршувате во болница - објаснува Богданоски.




Заразноста е огромна, а тоа е главниот проблем на оваа „чума“, вели виолинистот.

- Капацитетите на болниците се пополнети до максимум поради брзината на заразноста, бидејќи карактеристиката на овој вирус е што ги напаѓа дишните органи и патишта, па се наметнува проблем со недостиг на респиратори... 80 отсто од луѓето можеби ќе го поминат вирусот со полесни симптоми, 15 отсто ќе бидат во умерено критична состојба, а 5 отсто во критична состојба. Проблемот е што овој вирус го постигнува максимумот многу брзо, на пример, последниот викенд во Каталонија биле примени 300 пациенти со критична состојба - вели тој.


И парковите се празни

Виолинистот објаснува дека дневно огромен број луѓе се ставаат на респиратори, па ако се знае дека еден пациент се одржува повеќе од 10 до 15 дена на респиратор, тоа е проблемот и затоа нема доволно.

- Затворени се стоматолошките ординации, не дај Боже да имате некаков проблем. Во соседството ни се случува семејна драма - двајцата браќа на првата сосетка се во критична состојба, госпоѓата е во карантин, внуката исто така е заразена и сопругата на еден од браќата исто така... Воопшто не е пријатно во такво опкружување - вели Костадин.




Тој додава дека единствено нешто што било добро од целата ситуација е што откако почнала самоизолацијата, квалитетот на воздухот неверојатно се подобрил!

- Да издржиме заедно дома во оваа драма, и Земјата да се одмори и да се регенерира од нас!

Костадин му е син на Светозар Богданоски, светски познатиот изработувач на виолини

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема