X
 14.04.2021 Живот

Индиски град воведе кампања за саботи без автомобили

Во малиот индиски град Ранчи речиси сите жители живеат во радиус од 5 километри од нивното работно место, училиште или пазар, открил Шанкар Јадав, заменик-комесар во општинската корпорација на градот.

Во градот се спроведува иницијатива за саботи без автомобили. Јадав објаснува дека нема закон за имплементирање на иницијативата, но општината се надева дека луѓето ќе ја прифатат бидејќи е изводлива. Иницијативата почнала месецов.

Ранчи е еден од градовите во Индија што се обидуваат да најдат нов начин за намалување на загадувањето на воздухот. Во цела Индија се претпоставува дека загадениот воздух е причина за секој осми смртен случај. Во Ранчи, нивото на штетни честички во воздухот е седум пати повисоко од препорачаните стандарди од Светската здравствена организација (СЗО).


Фото: Pixabay

Пред да започне со иницијативата, од градот изградиле 50 станици за велосипеди на кои може да се изнајмуваат велосипеди на час. Се планира изградба на специјални патеки за велосипеди.

Рано е да се оцени дали иницијативата ќе биде успешна, но повеќето жители ја поздравуваат идејата и интересот за возење велосипеди во градот расте. Бројот на жители што се регистрирале на апликација за изнајмување велосипеди значително се зголемил во пандемијата, открил Јадав.

Автор: Анурада Нагарај
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот