X
 14.04.2022 Наука

Драматични температурни промени на Нептун, научниците збунети

Научниците се изненадени и збунети од неочекуваните промени во температурата на Нептун. Речиси цели две децении Нептун стануваше сѐ поладен, а од 2018 до 2020 година температурата скокна за 11 Целзиусови
степени.

Наодите се направени по речиси две децении следење на температурата на најоддалечената планета од Сонцето.

- Промените се неочекувани. Откако го набљудувавме Нептун како минува низ неговото рано јужно лето, очекувавме дека температурите полека ќе почнат да растат, а тие почнаа да паѓаат, рече Мајкл Роман, водач на новата студија.

Варијациите во температурата биле толку шокантни што истражувачите не знаеле како да ги објаснат. Тие би можеле да бидат предизвикани од хемиски процеси на планетата, временски промени или промени на Сонцето. Научниците се надеваат дека во иднина ќе можат да понудат објаснување за промените.

- Сметам дека Нептун е интересна планета за многумина со оглед на тоа што знаеме многу малку за него. Сето она што сега го откривме укажува на прилично комплицирана слика за атмосферата на Нептун и како таа се менува со текот на времето - вели Роман.

Нептун минува низ сезонски промени, како Земјата, додека орбитира околу Сонцето. Но, на Нептун промените се многу побавни, околу 40 години, бидејќи една година на Нептун трае дури 165 години на Земјата.

Научниците сакаат да откријат колку долго и како се случуваат сезонските промени, особено во текот на летниот долг ден на јужната хемисфера на Нептун. За да ги следат, тие прегледале повеќе од 100 детални термални инфрацрвени снимки од планетата.

Откриле дека иако дошло летото, голем дел од планетата всушност станал постуден. Но, тогаш Јужниот Пол повторно почнал да се загрева.

Помеѓу 2003 и 2018 година просечната температура на Нептун паднала за осум степени, а потоа, од 2018 до 2020 година на Јужниот Пол се зголемила за 11 степени.

Научниците не очекувале ниедна од брзите промени.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука