За да се вработите во Естонија, треба да знаете дека би требало да ја следите посакуваната компанија на „Фејсбук“. Од друга страна, во Германија треба да се погрижите да имате писмени препораки од поранешните работодавци. Квалификациите не се основа за вработување во сите земји низ Европа. ЕУРЕС (Европска мрежа на јавни служби за вработување) направи анализа на навиките и обичаите кога станува збор за вработување во земјите низ Европа.
Така, дознаваме дека во Австрија секогаш се доставува референца од поранешниот работодавец, а компанијата секогаш не ги објавува резултатите од конкурсите. Таму може да се преговара за работните услови и платата, но само во приватниот сектор. Најбараните професии во Австрија се: медицински сестри и ИТ-сектор. Во Белгија, писмата за препорака или референците се бескорисни.
Најбараните професии се медицинските сестри, градежниците и физиотерапевтите. Во Бугарија, многу се користат приватни агенции за вработување. Кандидатот за вработување овде се ракува со работодавецот само на негова иницијатива, а доколку разговорот го води комисија, не се ракува. Најбарани професии се оние во подрачје на ИТ-секторот и медицината.
На Кипар, првиот контакт со работодавецот се воспоставува преку телефон. Во Чешка, доколку планирате да му телефонирате на работодавецот, направете го тоа на почетокот на работниот ден.
Во Данска, интервјуто за работа вклучува теми како што се деца и домашни љубимци, но не се добредојдени пирсинзите на телото. Најбарани професии се книговодството, стоматологијата и медицинската нега.
Во Естонија, кандидатите за работа се советуваат да ги користат социјалните мрежи за да најдат најмногу информации. Финците од своите кандидати очекуваат приложување диплома само доколку се бара во огласот, а доколку може да се преговара за плата, кандидатот треба да започне. Најбараните професии во Финска се докторите, медицинските сестри, физиотерапевтите и фармацевтите.
Во Франција, обично се телефонира пред интервјуто. Странските кандидати се советуваат да споменат дека живееле или престојувале во Франција.
Најбарани се електро инженерите и информатичарите. Кога се пријавувате за работа во туристичкиот сектор во Грција, задолжително приложете своја фотографија.
Ирците, пак, сакаат да користат референци. Едната треба да се однесува на вашата личност, а другата да биде од претходен работодавец. Преговарање за плата нема. Најбарани професии се медицинска сестра, доктор, хемиски инженер, радиолог и информатичар.
Работодавците на Исланд не сакаат да ги контактираат кандидатите во случај на одбивање. Во Луксембург, вообичаено е да се праша за претходното работно искуство, а во Малта никој не сака кандидати со тетоважи.
Во Италија е нормално да се праќа отворена молба со биографија, а дипломата не е потребна. Најбарани се медицинските сестри и готвачите. Во Летонија, личните познанства се многу важни при вработувањето. Во Унгарија, најдобро е да се телефонира веднаш по испраќање на пријавата.
Во Холандија, вообичаено е да се пријавува преку телефон или и-мејл кога станува збор за нископлатените работи. Норвежаните сакаат кога ќе бидат контактирани за дополнителни информации. Најбарани се медицинарите.
Германците сакаат со дипломата да се достават и писмени препораки, а почетокот на работата може да биде и по еден месец. Најбарани професии се медицинска сестра, инженери и доктори.
Во Полска, работодавецот е тој кој одлучува дали сака да се ракува со кандидатот. Португалците не сакаат кога се контактирани преку телефон.
Романските работодавци сакаат пред состанокот со кандидатот да имаат и личен телефонски разговор. Сите бараат потврда за неказнување. Во Словачка, ретко може да се преговара за договорот. Словенците очекуваат писмени препораки. Во Шпанија е вообичаено да се допира другата личност. Доколку ви понудат цигара, одбијте ја.
Швеѓаните пред пријавата за работа стапуваат во контакт за дополнителни информации. Во Швајцарија е пожелно со пријавата да се приложи и фотографија. Најдобар начин за вработување во градежништвото или туризмот е преку телефонски разговор.
Британците од кандидатите очекуваат достапност за интервју во краток рок. Најбараните професии се медицинска сестра, инженери и доктори.