Гвајана моментално е втората најсиромашна држава во Јужна Америка, со бруто-домашен производ кој по глава на жител изнесува 8.524 долари годишно. Полоша е само Боливија, а веројатно и Венецуела, за која нема прецизни податоци, додека на глобалната листа на ММФ се наоѓа на 114. место од 185 земји.
Но, минатата година нафтениот гигант „Ексон мобил“ откри нафтени резерви поголеми од 5,5 милијарди барели нафта недалеку од брегот на Гвајана, во делот од Атлантскиот Океан кој спаѓа во територијалните води на оваа земја. Со тоа земјата, која има околу 780.000 жители, одеднаш доби шанса нагло да се збогати. Дополнително, некои сметаат дека по глава на жител таа би можела да стане една од најбогатите земји на светот.
- Многу луѓе не сфаќаат колку е големо ова. До 2025 година БДП на државата би можело да порасне меѓу 300 и 1.000 отсто. Ќе станеме најбогата земја во јужната хемисфера, а потенцијално и најбогатата држава на светот - истакна во ноември тогашниот американски амбасадор во Гвајана, Пери Холовеј.
Но, постојат неколку важни препреки кои Гвајана, која има висока стапка на сиромаштија и невработеност, мора да ги совлада ако сака навистина да има корист од пронајдената нафта.
Прво, тука е таканареченото нафтено проклетство. Имено, откривањето на црното злато во земји во развој често доведува до зголемување на корупцијата, што на крајот резултира со крадење и нерационално трошење на новостекнатото богатство.
- Во Гвајана корупцијата е нескротлива - предупредува Трој Томас, челник на локалниот разгранок на „Транспаренси интернешенл“.
Тој смета дека нафтеното проклетство ѝ се заканува на државата и смета дека неодамнешната политичка криза во земјата е првиот симптом на проклетството. Имено, владејачката коалиција во декември доживеа неуспех на гласањето за недоверба и наместо да распише избори, таа почна да ги оспорува резултатите по судски пат, што ги натера луѓето да демонстрираат.
- Сакаат да останат на власт за да ги контролираат парите од нафтата - едноставно објаснува една демонстрантка.
И челникот на Агенцијата за заштита на околината во Гвајана, Винсент Адамс, смета дека нафтата би можела да создаде голем јаз меѓу ултрабогатите и сиромашните.
- Видовме што се случи во другите земји во слични ситуации. Лежат на енормни резерви од нафта, а денес им е полошо отколку што им беше пред откривањето на црното злато - вели тој.
За да се спречи тоа, Адамс смета дека треба да се реши друг голем проблем - недоволното образование на населението.
- Образованието е основа на сè и најдобра инвестиција која оваа или која било друга држава би можела да ја направи - смета Адамс, кој со таа цел поттикнал иницијатива за реформирање и вадење повеќе инженери од Универзитетот во Гвајана.
Панорамски поглед на Џорџтаун, главниот град на Гвајана
Фото: Wikipedia
Но, подготовката на нови генерации на студенти за потребите на нафтената индустрија засега не оди баш најдобро.
- За жал, ни недостига опрема, немаме лаборатории, а најголем проблем е недостигот од квалитетни предавачи. Кај нас платите не се големи и кога бараме нови професори, тие баш и немаат некоја желба да дојдат да предаваат кај нас - истакнува деканката на факултетот, Елена Трим, додавајќи дека сепак сè повеќе студенти по машинство наоѓаат работа во нафтената индустрија веднаш по завршувањето на факултетот.
На крај Гвајана мора да го смени трендот на општ песимизам кој владее меѓу сиромашното население. Поучени од досегашното искуство, тие не веруваат дека нешто од новостекнатото богатство ќе заврши во нивните џебови, особено кога ќе погледнат што се случува во соседна Венецуела, која лежи на најголемите резерви на нафта на светот.
- Луѓето само сакаат да знаат дали ќе заработат нешто од тоа. Ако тука има пари, ние сакаме дел од тоа - истакнува еден жител на сиромашен
кварт.