X
 14.05.2019 Живот

Оваа земја е рекордер по уништување шуми - изгубени 13.471 км2 во 2018 година

Минатата година Бразил беше водечка земја во светот по уништувањето дождовни шуми, иако уништувањето на шумите во најголемата јужноамериканска земја падна за 37 отсто во споредба со 2017 година.

Минатата година Бразил изгуби 13.471 квадратни километри од примарната дождовна шума, проценува „Глобал форест вач“.

Сепак, тоа е значителен пад во споредба со претходната година, кога шумските пожари во големи размери предизвикаа уште поголеми загуби.

Загубата на примарни или стари шуми, кои се клучни за зачувувањето на биолошката разновидност, падна по две години големи пожари, но и понатаму останува над нивото на загуба забележано претходно, на почетокот од оваа деценија.

- Иако за некои од загубите во 2018 година може да се обвинат пожарите, повеќето од нив се како последица од сечењето на шумите во Амазонија, што ги става во ризик резултатите за намалување на уништувањето на шумите, што земјата го постигна на почетокот на 21 век - пишуваат истражувачите.

шуми
Фото: Shutterstock

На подрачјето на Бразил се наоѓаат околу 60 отсто од амазонската прашума, најголемата тропска прашума во светот што впива огромни количества јаглероден диоксид и се смета дека има витално значење во заштитата од глобалното затоплување.

Бразил минатата година соопшти дека уништувањето на шумите ја достигна највисоката точка во последната деценија и се зголеми за 13,7 отсто, на 7.900 квадратни километри.

Активистите и невладините организации стравуваат дека уништувањето на шумите може да се зголеми откако на чело на Бразил дојде Жаир Болсонаро, кој најави дека ќе ѝ стави крај на „индустријата на парични казни“, што е една од основните алатки за заштита на животната средина во Бразил. Освен тоа, Болсонаро повика на обновување на рударството во заштитените автохтони области и големите резервати во Амазонија за да поттикне економски развој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот