X
 27.06.2024 Живот

„Белите дробови на Земјата“ исчезнуваат поради нелегална сеча: Бразилскиот претседател повика на итна акција

Веќе неколку години се случува пустош во Амазонската Прашума. Незаконски се сечат дрвја и се уништуваат шумите, што со право може да се нарече криминално дејство. Уништувањето на шумите се случува од повеќе причини, најчесто поради пожари, но најпроблематична е дивата сеча.

Новиот претседател на Бразил, Луис Инасио да Силва, на почетокот на својот мандат вети дека ќе ја спаси Амазонија од вековното насилство, кражби и уништување на животната средина. На регионалниот состанок одржан минатата година тој најави дека ќе го поттикне остварувањето на „сонот на Амазон“, бидејќи на подрачјето на најголемата прашума во светот криминалот сè повеќе придонесува за нејзино уништување.

Водечките луѓе на земјите од Латинска Америка се собраа во август минатата година за да разговараат за иднината на најголемата прашума во светот. На тој состанок беше претставен смел план за иднината на прашумата, односно за нејзината површина од 6,7 милиони квадратни километри, во која живеат речиси 50 милиони луѓе.

Планот беше поддржан од многу земји во Европа и САД

Бразилскиот претседател ја повика својата влада да дејствува побрзо со цел да се ограничи организираниот криминал, кој дозволи уништување на најголемата тропска прашума во светот. Сепак, како што се наведува, формирањето на меѓународниот полициски центар во Манаус ќе потрае.

- Мораме да ги забрзаме процесите бидејќи мојот мандат трае само четири години. Ако не можеме да го спроведеме овој план, ќе дојде некој друг и нема да направи ништо - рекол претседателот на настанот кога потпиша 318 милиони реали, или 58,7 милиони долари за спроведување на безбедносниот план.

Средствата се земени од Фондот за Амазон вреден 1,3 милијарди долари, кој првично бил поддржан од Норвешка, со цел да се поттикне заштитата на Амазон од уништување на шумите и на тој начин да се придонесе за зачувување на „белите дробови на Земјата“. Со фондот управува Бразилската национална банка за развој, а со донации го поддржаа Германија, Велика Британија, Данска, остатокот од Европската Унија и САД. Безбедносниот план во Амазон е првиот проект спонзориран од Фондот, чија цел е да се запре криминалот во поширокиот регион.

Извор: baustela.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот