Вечерва би можел да ги напишам најтажните стихови.
Да напишам, на пример: „Ноќта е ѕвездена,
треперат модри ѕвезди во далечината“.
Ноќниот ветер кружи на небото и пее.
Вечерва би можел да ги напишам најтажните стихови
Ја сакав, а понекогаш и таа мене ме сакаше.
Во ноќите како што е оваа, во мојата прегратка беше.
Ја бакнував, многу пати, под бесконечното небо.
Понекогаш ме сакаше, и јас неа ја сакав.
А како да не ги сакам тие големи,
неподвижни очи!
Вечерва би можел да ги напишам најтажните стихови.
Да помислам дека ја немам, да почувствувам дека ја загубив.
Да ја слушам бесконечната ноќ, уште подолга без неа.
И стихот паѓа врз душата како росата врз пасиштето.
Не е важно што мојата љубов не ја сочува.
Ноќта е ѕвездена, а таа не е со мене.
Тоа е сè. Во далечината некој пее. Во далечината.
Несреќна е мојата душа зашто неа ја загуби.
Како да сака да ја доближи, мојот поглед ја бара.
Моето срце ја бара, а таа не е со мене.
Истата ноќ ги облекува во бело истите стебла.
Ниту ние од вчера веќе не сме истите.
Повеќе не ја сакам, сигурно, но колку само ја сакав!
Мојот глас го бараше ветерот за да ѝ го допре увото.
На друг. Ќе му припадне на друг. Како и пред моите бакнежи.
Нејзиниот глас. Јасното тело. Нејзините бесконечни очи.
Повеќе не ја сакам, сигурно, но можеби сепак ја сакам?
Љубовта е толку кратка. А заборавот толку долг.
Затоа што во ноќите како што е оваа ја држев во својата прегратка
Несреќна е мојата душа зашто неа ја загуби.
Иако ова е последната болка што ми ја нанесува
И овие стихови последни што за неа ги пишувам.