X
 14.06.2019 Живот

Сега и Европската вселенска агенција нуди комерцијални летови во вселената

По само неколку дена откако НАСА најави дека лансира сопствена комерцијална вселенска програма, истото го направи и Европската вселенска агенција. Преку неа, компаниите ќе можат да понудат платени летови во орбитата.

Иницијативата „Комерцијални услуги за вселенски транспорт и програма за поддршка“ ќе биде презентирана на состанокот на Советот на агенцијата во ноември, а целта на програмата се европските компании кои сакаат да почнат бизнис со вселенски летови и бизнис со лансирање на сателити.

Европската вселенска агенција ќе ги поддржи компаниите така што ќе им даде пристап до своите објекти, и ќе им понуди финансиска помош од фондовите и инвестициите во други компании, најмногу од сопствениот бизнис инкубатор. Примарниот фокус на програмата ќе биде за комерцијално лансирање на сателитите, но не ја исклучува можноста за некоја форма на вселенски туризам.

Исто така, Европската вселенска агенција ќе ги поддржи европските земји кои сакаат да изградат вселенски аеродром. Велика Британија веќе има планови да изгради сопствен вселенски аеродром кој ќе биде лоциран во оддалечен дел од Шкотска. Овој аеродром ќе можат да го користат и компаниите.

Постојат многу компании кои се заинтересирани за тестирање на нивните идеи и прототип летала за вселенски транспорт. Минатата година Европската вселенска агенција отвори натпревар и избра три концепти што демонстрираат можност и исплатливост на комерцијални вселенски летови. Меѓу нив се два типа на сателити и уред за отстранување на вселенски отпад.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот