X
 14.06.2020 Живот

Детали на кои треба да внимавате кај огласите за вработување

Работодавците сакаат да ги вработат најдобрите кандидати за парите што може да им ги понудат. Тие сакаат мотивирани работници кои се подготвени да работат напорно кога е потребно и да го подобрат работењето на компанијата. Исто така, тие сакаат кандидатите за одредена работа да разберат што би се барало од нив кога се пријавуваат. Затоа, добрите компании вложуваат труд во кроењето на огласите за вработување.

„Симпли хајрд“, веб-страница за вработување, направила анализа на околу 1.000 луѓе што биле во потрага по работа во последната година. Нивното прашање гласело: Зошто не аплицирале на одредени огласи во нивната област?


Фото: Pixabay

Според анализата, најчестата причина поради која 60% од испитаниците се одлучиле да не се пријават на даден оглас бил недостигот на информации за плата и други поволности. Без предложена плата, потенцијалните кандидати почесто се одлучуваат да не се пријавуваат на огласот отколку да се обидат да стигнат до интервју.

Понатаму, 53% од испитаниците не аплицирале на огласи што се активни, но постари од еден месец бидејќи претпоставуваат дека позицијата веќе е пополнета. Нејасните објаснувања за работните обврски, премалку детали и долга листа на барања, исто така, спречиле многу потенцијални кандидати да се пријават на огласи за вработување.

Речиси 77% од испитаниците изјавиле дека не би аплицирале за одредена работа доколку вклучува неплатен пробен период. Освен тоа, барањето приватни информации спречило 73,8% од испитаниците да се пријават на некој оглас.


Фото: Pixabay

Како треба да изгледа добар оглас за вработување?

Според заклучоците од анализата, најдобрите огласи за вработување вклучуваат информации за платата и другите поволности. Потоа, тие јасно ја објаснуваат работата и сите работни обврски, а не содржат непотребни барања. Огласите за работа не треба да бидат активни доколку е пополнета работната позиција. Конечно, работодавците не би требало да бараат премногу приватни информации од потенцијалните кандидати.

Анализата покажала и дека опишувањето на процесот на вработување во огласот ги охрабрува кандидатите да се пријават. Се препорачува и вклучување на информации за контакт, информации за мисијата на компанијата и слично.

Автор: Стив Едкок
Извор: theladders.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот