Современиот живот, неговото темпо, брзината и количината на информациите што ги добиваме секој ден, многубројните обврски, работни и приватни, и кратките рокови се голем извор на стрес за секого.
Биолошки гледано, менталниот и емоционалниот систем на човекот се развивале милиони години и се приспособувале според потребите. Но, додека за промените што го претвориле од ловец во земјоделец или од човек кој живее во мали групи на поединци во заедница требало да поминат илјадници години, сега повеќе нема време за бавно приспособување.
Во последните 200 години светот забрзано се развива, а тоа темпо повеќекратно се забрзува во последниве неколку децении, значително побрзо од човечката еволуција, што претставува голем предизвик за секоја личност во општеството. Професиите што научивме да ги работиме и нормите што треба да ги исполниме денес доаѓаат со фактор х, каде што секоја година завршува со заклучок дека идната треба повеќе, побрзо, поразлично, поефикасно.
Денешните норми често нè исцрпуваат интелектуално и физички и нè доведуваат до состојба на стрес, постојана напнатост и раздразливост, а тоа го чувствува и околината. Работниот ден завршува со голем замор, незадоволство и безволност. Секој што се препознава во ова пати од „прегорување“, синдром на професионално согорување.
Неодамна истражување помеѓу 3.000 вработени во осум земји, меѓу кои и САД, Велика Британија и Германија, покажа дека речиси половина од испитаниците сметаат дека својата дневна работа можат да ја завршат за пет часа во случај никој да не им пречи, но повеќето од нив работат повеќе од 40 часа неделно.
Постојат и такви што имаат различно мислење. На пример, шефот на „Тесла моторс“, Илон Маск, тврди дека никој не може да го промени светот ако работи само 40 часа неделно.
Убавината на светот е токму во различностите, но многу стануваат свесни дека работата поради која постојано сме поврзани на интернет не е добра за менталното здравје. Во Јапонија, една од најразвиените светски економии, има традиција на таканаречено „капење во шума“, што всушност е одење во природа што им помага во создавањето висок квалитет на животот. Докажано е дека таквата практика доведува до намалување на ритамот на срцето и на високиот крвен притисок, намалување на хормонот на стрес, зајакнување на имунолошкиот систем и општо подобрување на здравствената состојба. За да се намали стресот на работа, Јапонија препорачува работниците подоцна да ја почнат работата во понеделник.
Некои компании во светот отидоа толку далеку што ја скратија работната недела на четири дена, а вработените земаат плата како да работат пет. Тоа придонесе за поголема продуктивност, подобра мотивираност и помалку стрес.
Британските синдикати се истрајни во спроведувањето на идејата дека помалку работа може да донесе поголема продуктивност и подобра рамнотежа меѓу приватниот живот и работата. Тие се охрабрени и со фактот дека неколку британски компании воведоа четиридневна работна недела, притоа задржувајќи ја истата плата. И не зажалиле.
Пократката работна недела одлично влијаела врз извршувањето на работните задачи и почитувањето на роковите. Вработените се позадоволни, а резултатите на работа се подобри.